Search

Манчестер Јунајтед, Баерн и Атлетико не сакаат да играат во Супер лигата

Фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед денеска соопшти дека не сака да игра во Супер лигата, бидејќи планира да учествува само во натпреварувања под ингеренции на Европската фудбалска унија (УЕФА), пренесуваат британските медиуми.

Европскиот суд на правдата претходно денеска пресуди дека прописите на УЕФА и Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), кои им забрануваат на клубовите да се приклучуваат во Супер лигата, се незаконски.

„Нашиот став не е променет. Остануваме посветени на настапите во натпреварите на УЕФА, другите организации и асоцијации пред да коментираме нешто повеќе“, соопштија од Манчестер Јунајтед.

Европската Суперлига е проект кој 12 клубови го започнаа во април 2021 година, но поради критиките на јавноста, Арсенал, Челзи, Ливерпул, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Интер, Милан и Атлетико Мадрид и Јувентус го напуштија натпреварувањето. Суперлигата ја поддржуваат Реал Мадрид и Барселона.

„Јасно е дека Баерн ја затвори вратата за Суперлигата. Таквото натпреварување би претставувало напад на важноста на домашните натпреварувања и на целиот европски фудбал“, изјави извршниот директор на Баерн, Јан-Кристијан Дресен, пренесува Билд.

Против настапот во Суперлигата се шпанските клубови Валенсија, Гранада, Мајорка, Осасуна, Леванте, Бетис, Рајо Ваљекано и Спортинг.

„Европското фудбалско семејство не сака да биде дел од Супер лигата. Германија, Англија, Италија, Франција и Шпанија (освен Реал и Барселона) не ја сакаат Суперлигата. Се залагаме за заштита на европското фудбалско семејство, зачувување на домашните првенства и одржување на квалификациите за европските натпреварувања врз основа на постигнатите резултати“, објави Атлетико Мадрид.

Треба да знаете
Последни објави