Уметничкото дело „Розево грчко знаме“ посветено на жените жртви на фемицид и семејно насилство ќе биде тргнато од изложбата во конзулатот на Грција во Њујорк 

Делото розево знаме, односно грчкото знаме со променета боја и изработено од постелнини од жени од Грција на грчката уметница Георгиа Лале во рамките на изложбата во грчкиот конзулат во Њујорк посветена на фемицидот и жртвите на семејното насилство ќе биде отстрането од изложбата, по реакциите во Грција, објавија медиумите, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, делото ќе биде симнато по наредба на министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис.

Претседателот на малата десничарско ориентирана партија Ники (Победа) Димитрис Нациос во неделата, за време на расправата во грчкиот Парламент за државниот буџет, покажа фотографија од знамето, коментирајќи дека не е прифатливо да се менува сината боја на грчкото знаме.

Изложбата во Генералниот конзул на Грција во Њујорк е во соработка со Грчко-американската комора и беше свечено отворена во петокот, во присуство на уметницата и конзулот на Грција.

-Оваа изложба се осврнува на феномените на фемицид и семејно насилство. Уметничкото дело е создадено од постелнина донирани од жени кои живеат во Грција. Тие жени имаат навидум малку заеднички работи, но сите легнаа на тие постелнина очајни и исплашени, напиша уметницата на Фејсбук веднаш по отворањето на изложбата, упатувајќи покана до граѓаните да ја посетат.

За информациите во медиумите дека шефот на грчката дипломатија наредил конкретното дело да биде отстрането, засега нема потврда од МНР, но со официјални реакции излегоа опозициските партии СИРИЗА и Нова левица.

Треба да знаете
Последни објави