Мексико: 12 лица загинаа во вооружен напад на предбожиќна забава

Непознати вооружени лица ги нападнале собраните на предбожиќната забава во градот Салватиера во државата Гуанахуато во централно Мексико и убија 12 луѓе, соопшти денеска државното обвинителство.

Државното обвинителство соопшти и дека уште четири лица загинале во престрелката во градот Саламанка, без да ги прецизира околностите на нападот.

Локалните медиуми објавија дека смртоносниот напад во Салватиера бил извршен во неделата наутро додека гостите ја напуштале салата за прослави.

Државата Гуанахуато долго време беше место на крвави конфликти меѓу нарко картелот Халиско и локалните банди поддржани од картелот Синалоа, а долго време имаше и најголем број регистрирани убиства во тој дел на Мексико.

Исто така во неделата, во карипското приморско одморалиште Тулум, тројца мажи беа застрелани, а четворица други ранети во напад на кафе-бар, потврдија властите.

Државното обвинителство соопшти дека прелиминарната истрага покажала дека пукањето очигледно било предизвикано „поради расправија поврзана со продажба на дрога“.

Претходно оваа година, американскиот Стејт департмент издаде предупредување до Американците кои патуваат во Мексико да бидат внимателни, особено ноќе и особено во мексиканските карипски одморалишта како Канкун, Плаја дел Кармен и Тулум.

Треба да знаете
Последни објави