Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) во четвртокот објави дека финалисти за најдобар играч на светот за оваа година се Норвежанецот Ерлинг Халанд, Французинот Килијан Мбапе и Аргентинецот Лионел Меси.
Во текот на 2023 година, Халанд ја освои Лигата на шампионите, титулата во англиската Премиер лига и англискиот ФА Куп со Манчестер Сити.
По финалето на СП во Катар на крајот на минатата година, во кое Аргентина на Меси ја победи Франција на Мбапе, Меси и Мбапе ја освоија француската титула со Париз СЖ, а летово Меси одлучи да ја продолжи кариерата во Интер од Мајами.
Наградата „Најдобар“ на ФИФА се доделува од 2016 година, Меси досега ја освои двапати, во 2019 и 2022 година, Мбапе минатата година заврши на второто место, а Халанд никогаш не бил меѓу првите три.
Победниците ќе бидат објавени во Лондон на 15 јануари.