Search

Ѓорѓиевски: Судирот на застарени и модерни вредности и сфаќања – проблем во изготвувањето стратегии во македонските компании

Развиените економии, односно компании од Европа и САД веќе подолг период вложуваат пари во сегментот на раст и развој на бизнисите врз основа на градење низа стратегии.
Голем дел од европските компании, особено во ковид периодот и сега со кризата во Украина и на блискиот исток прават низа стратегии и планови како да излезат посилни. Воведуваат нови механизми за раст на сопствените бизниси, прават стратегиски планови и носат стратешки одлуки кои го одржуваат бизнисот. Состојбата во Македонија на прв, поглед изгледа тешка, но за да се добие малку попрецизен поглед, разговаравме со Виш пред. М-р Иван Ѓорѓиевски, предавач од област: Оперативен менаџмент на Бизнис Академија Смилевски – БАС.

Колку македонските компании се подготвени да прават интерни процеси во сегментот на изготвување на интерни стратегии?

Како општество кое повеќе или помалку успешно влезе во пост-транзицискиот период, можеме да забележиме силен пораст на македонски компании или компании кои се поседувани од македонци во странство. Јас го сметам овој пораст како недвосмислен показател дека нашето стопанство има значителен потенцијал за раст и развој на бизниси. Самиот потенцијал е основа за развој на компетенции и зајакнување во пределот на оперативниот менаџмент, каде всушност се спојуваат визијата и стратегијата на компанијата со фактичките операции, односно имплементацијата на таа стратегија. Во овој момент, не би можел да посочам во бројна вредност колку се македонските компании подготвени, меѓутоа, следејќи го трендот на појава на практични и применливи обуки во формалното и неформалното образование, може да се заклучи дека постои барање на пазарот од ваквите технички и меки вештини. Овој заклучок би го проширил и со потенцијалот кај македонските менаџери кои следејќи ги европските стандардни оперативни процедури, следејќи ги трендовите на развој на менаџментот – покажуваат подготвеност да инвестираат време, ресурси и средства во промена во нивните оперативни процеси – особено во сегментот на стратегискиот менаџмент.

Што вели вашето искуство околу знаењето на менаџментот за изработка на стратегии во повеќе нивоа?

Од моето скромно искуство како консултант за оперативен менаџмент и организациски развој, а и како дел од заклучоците од истражувањето околу мојата докторска дисертација, сметам дека помладите македонски менаџери покажуваат висок степен на знаење околу „како треба“ да се менаџира, меѓутоа се соочуваат со значителен предизвик да го применат истите практики, кога на сцената ќе влезат различните фактори на влијание. Како такви фактори на влијание би ги потенцирал: карактеристиките на моменталниот пазар на труд, напуштањето на транзицискиот период, судир на застарени и модерни вредности и сфаќања и многу други. Меѓутоа, она што особено ме радува е подготвеноста кај менаџментот да се следат добрите практики, особено на поразвиените земји, а истовремено и пожртвуваноста да се стане дел од некое поголемо тело како стопанска комора или орган на локална самоуправа со цел да се помогне во ослободувањето на пазарните услови преку креирање на здрави стандарди и добра конкуренција. Сметам дека тоа покажува високо развиено чувство за размислување „на далеку“, што всушност е основата за стратегиски менаџмент и изработка на стратегии кои одговараат на повеќе нивоа.

Која е разликата меѓу развиените економии и начинот на поставување на стратегиски приоритети и цели во тие економии и македонската?

Кај развиените економии во суштина една разлика е клучна: брзината. Брз развој, брз напредок, побрзи технологии. Самото тоа од компаниите побарува и висок степен на подготвеност за реакција кон промените кои настануваат понекогаш и инстантно. Она што е различно кај македонската е, според моето мислење, летаргичноста. Би сакал да го споделам примерот со ковид кризата во периодот 2020-2021 година. Добар дел од компаниите, во периодите на рестрикциите на движење доживеаа значителен удар врз нивните операции, за жал некои од нив и не успеаја да го пребродат истиот период. Ова е јасен показател за летаргичноста која влијаела врз стратегиските приоритети да никогаш не воспостават дополнителни оперативни канали (пример: онлајн продавница, надворешна или внатрешна дистрибуција и слично). Ми останува само да се надевам дека ваквите лекции и следејќи ги развиените економии ќе бидат јасен показател за идните македонски менаџери малку повнимателно да ги следат движењата и трендовите на пазарите во кои функционираат.

Дали и колку треба државата да се вклучи во обука и едукација на компаниите за да можат да бидат конкурентни на европскиот пазар во изготвување на интерни стратегии и процеси?

Во контекст на државата, јас лично забележувам стабилен раст на позитивните трендови и практики на поддршка на македонски компании за настап на европските пазари. Со појавата на различните стопански комори, кооперативното здружување и формирањето на интернационални компании, може да се забележи самата акцелерација во овој сегмент. Она што сметам дека може да биде под државна капа би било развој на различни програми за заштита на македонските компании кои ќе се одлучат да настапат на европски пазари. Со други зборови, на македонскиот пазар постои компетентност за стратегиски и оперативен менаџмент, меѓутоа може да се забележи несигурност или неволност да се настапи на друг пазар заради разни причини. Преку различни програми за поддршка (кои впрочем веќе и постојат во значителна мера) македонските претприемачи и стопанственици би можеле да се, условно кажано, „охрабрат“ за настап на поголеми пазари од локалните или регионалните. Секоја чест за оние компании кои веќе некое време успешно настапуваат на големи пазари како Германија, САД и Австрија.

Интервјуто го направи Игор Мицкоски.

Треба да знаете
Последни објави