Search

Кој вид на храна предизвикува труење и како да избегнете труење?

Најдобриот начин да избегнете труење со храна е да внимавате на личната хигиена, на хигиената при готвење на храната како и на правилно чување и подготовка на храната.

При подготовка на храна внимавајте на личната хигиена за да го спречите преносот на бактерии и вируси, а исто така важно е работните површини и приборот во кујната да бидат чисти секогаш кога ги користите за подготовка на храна. Мијте ги рацете редовно со сапун и топла вода особено после одење во тоалет, менување на пелена, допирање на канта за ѓубре или домашни миленици, пред подготовка на храна и после подготовка на сурова храна.

Храната треба темелно да се зготви за да се уништат штетните бактерии кои може да ги има. Треба особено да се внимава на месото и морската храна. Храната треба убаво да се подгрее за повторна употреба и не се препорачува подгревање на храната повеќе од еднаш.

Одредена храна треба да се чува во фрижидер на ниска температура за да се спречи појавата на штетни бактерии. Ако таквата храна ја оставиме да стои на собна температура постои ризик од појава и размножување на бактерии.

Внимавајте на крос – контаминација на храната (кога бактериите се пренесуваат од една храна на друга). Ваков вид на контаминација се случува при допир на еден вид на храна со друг вид на храна или кога бактериите што може да ги има на рацете, работните површини или приборот за јадење се пренесуваат на храната. За да ја спречите крос – контаминацијата се препорачува:

  • Да ги миете рацете после подготовка на сурова храна;
  • Да ја чувате суровата храна на страна од храната што е спремна за јадење;
  • Да користите различни даски за сечкање кога станува збор за сурово месо и за останат вид на храна или пак мијте ја темелно;
  • Темелно да го миете приборот за јадење после нивната употреба за подготовка на сурово месо;
  • Да не го миете суровото месо затоа што на тој начин може да се распространат штетни бактерии низ кујната (бактериите се уништуваат при темелно готвење на храната).

Кој вид на храна предизвикува труење?

Храната која предизвикува труење е храна која не е правилно преработена или зготвена. Еве неколку начини на кои храната може да се контаминира и да предизвика труење:

  • Ако храната не е темелно зготвена (особено месо);
  • Ако неправилно ја чуваме храната која треба да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови;
  • Ако ја оставаме зготвената храна да стои на топло (а треба да се чува во фрижидер);
  • Ако не ја подгреваме доволно претходно зготвената храна кога повторно ја јадеме;
  • Ако ја допираме храната со нечисти раце;
  • Ако јадеме храна која е со поминат рок на траење.

Во групата на храна која е поподложна на контаминација и која лесно може да предизвика труење ако не се чува или зготви правилно спаѓаат:

  • Суровото месо и живина;
  • Живи јајца;
  • Морска храна;
  • Млеко кое не е пастеризирано.

Знаци и симптоми

Симптомите кои ни укажуваат дека станува збор за труење со храна можат да се појават во рок од неколку часа па се до неколку дена после јадење на контаминираната храна. Како едни од главните симптоми се појавуваат:

  • Гадење
  • Повраќање;
  • Дијареа;
  • Грчеви или болка во абдоминалниот дел;
  • Недостаток на енергија или слабост;
  • Губење на апетит;
  • Висока температура;
  • Болка во мускулите.
Треба да знаете
Последни објави