Search

Арсовска пак се премисли – ќе го продолжува проектот БРТ за кој велеше дека е штетен за Скопје

„По две години отстранување на пречките на проектот предизвикани од претходното градско раководство, градот Скопје конечно ќе добие нов транспортен систем. Системот за Брз автобуски превоз доби зелено светло од меѓународните партнери со што започнува неговата реализација во главниот град“ вака преку соопштение за медиумите Град Скопје скромно го најави продолжувањето на еден од најголемите проекти во главниот град. 

Ова значи дека по две години застој, Град Скопје сепак ќе го продолжи проектот планиран и започнат од претходниот градоначалник Петре Шилегов, за кој се обезбедија и 70 милиони средства како заем од ЕБОР.

Но ова значи и ново ретерирање на градоначалничката Данела Арсовска која неколку пати го менува ставот по однос на Бас рапид транзит системот. 

Во кампањата Арсовска велеше дека нема потреба од БРТ, дека таа преку набавка на 250 еколошки автобуси ќе обезбеди сигурен, ефикасен и што беше особено потенцирано, бесплатен јавен превоз во Скопје. 

Откако дојде на функција, Арсовска најав дека ќе го разгледала проектот пред да реши што да прави со него, за само еден месец подоцна да каже дека тој проект е штетен за градот и за граѓаните. 

„Морам да кажам дека она што го видовме тука, од аспект на решението кое што беше презентирано во јавноста како нешто револуционерно, не само што не е револуционерно, туку е и на штета на граѓаните на градот Скопје. Пред се затоа што за тој БРТ превоз, нема одлука од Советот на Град Скопје. Во овој момент се спроведува реорганизација на ЈСП и се работи на проектот за бесплатен јавен превоз за граѓаните кој во целост ќе се реализира за две години“, објави Арсовска на својот Фејсбук профил кон крајот на декември 2021 година.

Истиот став по однос на БРТ, Арсовска го искажуваше и во медиумски гостувања на национални телевизии. 

Цела 2022 година, БРТ воопшто и не се спомнуваше од страна на Арсовска, која во меѓувреме неколку пати се обиде но не успеа да добие „зелено светло“ од Советот за набавка на автобуси преку заем на Градот. 

Во средината на февруари оваа година, Арсовска за медиумите изјави дека впрочем никогаш се немала откажано од проектот за БРТ.

И така се до денеска, кога преку соопштение за медиуми Арсовска најави дека проектот ќе продолжи, без да се прецизира кои и какви биле пречките во проектот за кои требало речиси две години за да се надминат. 

Кусо по објавата се огласи и поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов кој рече дека Арсовска се однесувала „како вошка во перика“. 

„Мојот професор Марјановиќ, своевремено велеше: на будалите од после им текнува … После две години однесување како вошка во перика, заради очигледната некомпетентност, немање визија и основно познавање, новото градско раководство се враќа онаму каде што требаше да продолжи пред две години. Реализација на целосно разработен проект со обезбедена финансиска констукција, одобрен од меѓународната и домашна стручна јавност како најоптимално решение за Скопје. Фрлањето прашина во очи „со отстранување на грешките на претходното градско раководство”, не го разбирам како ништо друго, освен како очаен обид да се обезбеди алиби за сопствената глупост. Впрочем, две години сме сведоци дека незнаењето го кријат со перманентен конфликт и караници со секого, вклучително и со сопствените директори. Загубените две години (досега ќе беше во полн ек изградбата) и парите кои како камати се платени во меѓувреме, за жал, повторно паѓаат на грбот на Скопјани“ објави Шилегов.

Треба да знаете
Последни објави