Search

Регев: Хамас вечерва ќе го почувствува гневот на Израел

Советникот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Марк Регев изјави дека „Хамас вечерва ќе го почувствува гневот на Израел“ и оти милитантната група „ќе плати за злосторствата против човештвото“.

– Израел вечерва ја започнува својата должност, изјави Регев за МСНБЦ.

Претходно, Палестинци во Појасот Газа објавија дека копнените сили на израелската армија, вклучително и тенкови, дејствуваат вечерва во енклавата.

Има извештаи за интензивна размена на оган помеѓу војниците и вооружени лица од палестинска страна.

Засега нема потврда од израелската армија ниту од Хамас кој управува со Појасотв Газа.

Интернетот, фиксната и мобилната телефонија од вечерва се во прекин во Појасот Газа по интензивно израелско бомбардирање.

Претходно, израелската војска објави дека ги „проширува“ копнените операции, сигнализирајќи дека наскоро може да започне копнена инвазија врз Појасот Газа.

Црвената полумесечина соопшти дека изгубила секаков контакт со седиштето и медицинските тимови. Тие исто така изјавија дека стравуваат дека луѓето повеќе нема да можат да контактираат со итните служби. И други хуманитарни организации известуваат дека не можат да контактираат со својот персонал на терен.

Палестинската телекомуникациска компанија „Палтел“ најави „целосен прекин на сите комуникациски и интернет услуги“ поради бомбардирањето.

– Во изминатите неколку часа ги засиливме нападите врз Газа. Военовоздухопловните сили силно напаѓаат подземни цели и терористичка инфраструктура, во големи размери, изјави портпаролот на израелската армија Даниел Хагари.

Хамас го повикува светот „веднаш да дејствува“ и да го запре израелското бомбардирање врз Појасот Газа.

– Ги повикуваме арапските и муслиманските земји и меѓународната заедница да преземат одговорност и веднаш да дејствуваат за да ги запрат злосторствата и серијата масакри врз нашиот народ, се наведува во соопштението на Хамас.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант претходно денеска изјави дека наскоро се очекува да започне долга и тешка копнена офанзива врз Појасот Газа, чија цел е да се уништи огромната мрежа на тунели што ги користи Хамас на територијата. Тој додаде дека копнената операција ќе биде поддржана од воздух.

Од 7 октомври, од почетокот на конфликтот помеѓу Израел и Хамас, според палестински извори, загинале 7.326 луѓе, од кои 3.038 деца.

Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (УНРВА) претходно предупреди на голем број смртни случаи во Појасот Газа поради блокадата на Израел.

– Луѓето во Газа веќе гинат во ракетни напади. Наскоро, многу повеќе ќе умрат од последиците на опсадата, изјави генералниот комесар на УНРВА, Филип Лазарини.

Тој додаде дека во Појасот Газа недостигаат храна, вода и лекови, а патиштата се преплавени со канализација. Според него ситуацијата во енклавата е „човечка трагедија“ и „пекол на земјата“.

Белата куќа вечерва соопшти дека поддржува паузи во непријателствата меѓу Израел и Хамас за да се дозволи доставување на помош.

Ние би поддржале хуманитарни паузи за влегување, како и за излегување на луѓето, како и дотур на гориво и враќање на електричната енергија, истакна портпаролот на американскиот Советот за национална безбедност Џон Кирби. 

Треба да знаете
Последни објави