Search

Иран ќе гради ѕид на границата со Авганистан

Иран има намера да ја запре илегалната имиграција од Авганистан. Затоа планира да изгради граничен ѕид, пишува Дојче веле. Бетонскиот ѕид треба да биде долг 74 километри, висок четири метри, а дополнително ќе биде обезбеден со бодликава жица. Планирано е да се гради на североистокот на Иран, каде што голем број луѓе илегално ја минуваат границата меѓу Иран и Авганистан.

Советот за национална безбедност стави на располагање околу три милијарди евра. Иранската армија треба да го обезбеди тој дел од границата во следните три години. Според иранската државна новинска агенција ИРНА, задачата е логистички да се подготви ѕид со бодликава жица во провинциите Северен Хорасан, Разави Хорасан и Јужен Хорасан.

Границата на Иран со Авганистан е долга 950 километри. Дел од неa минува низ непроодни планини и е тешко пристапен teren. Луѓето од Авганистан бегаат од четириесет години војна, сиромаштија и (сегашната) талибанска влада.

Откако талибанците дојдоа на власт во Авганистан, се промени и безбедносната ситуација во Иран. Се чини дека сега е полесно за авганистанскиот огранок на терористичката организација „Исламска држава“ (ИД) да испрати свои терористи во Иран. Во последните три години таму се случија неколку смртоносни терористички акции.

Откако талибанците дојдоа на власт, иранската армија го зголеми присуството на своите војници во пограничните области кон Авганистан. И покрај тоа, конфигурацијата на теренот е таква што се уште има бројни можности за илегално преминување на границата.

Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) наведува дека речиси 4,5 милиони бегалци од Авганистан живеат во Иран. Најмалку милион од нив побегнале во Иран од летото 2021 година и од преземањето на власта од страна на Талибанците. Само 50.000 од нив се официјално регистрирани како бегалци. Голем број бегалци не сакаат да се пријават поради страв дека ќе бидат депортирани во Авганистан. Врз основа на заедничката култура и јазик, тие релативно лесно можат да се „спојат“ во општеството. Тие често работат на црно, искористувајќи ги како евтина работна сила. Многумина не сакаат да останат во Иран, за нив таа земја е првата станица во обидот да стигнат до Европа.

Границата на Иран со Турција е долга 560 километри. Турција веќе подигна бетонски ѕид висок три метри и долг 170 километри долж таа граница, со цел да ги запре бегалците.

Треба да знаете
Последни објави