Османи: Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства има единствен мандат за градење мирни и издржливи општества

По повод 30-годишнината од воспоставувањето на Висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства и поставувањето на Макс ван дер Штул на чело на институцијата, денеска во Хаг се одржува конференција на која преку видео врска воведно обраќање имаше Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи.

Целта на конференцијата е осврнување на мандатот на функцијата Висок комесар на национални малцинства во изминатите 30 години, но и на идните перспективи на функцијата за зајакнување на социјалната кохезија, човековите и малцинските права, како и безбедносните интереси во актуелниот безбедносен и геополитички контекст.

Во своето обраќање, Османи истакна дека името на Макс ван дер Штул сè уште одекнува во нашата земја и нашите граѓани секогаш ќе го препознаат формирањето на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово како доказ за неговиот личен ангажман и цврста верба во мултиетничката припадност и повеќејазичното образование.

„Денес УЈИЕ е препознаен и надвор од нашите граници не само како модел за мултиетничко образование, туку и како симбол на разликата што можат да ја направат поединците со соодветна институционална поддршка”, рече Османи. Тој додаде и дека функцијата Висок комесар за национални малцинства продолжува во оваа насока и денес, со единствен мандат фокусиран на тивка, превентивна дипломатија за градење мирни и издржливи општества преку зајакната социјална и меѓуетничка кохезија, за доброто на луѓето.

„Мотото на нашето Претседателство е ‘За луѓето се работи’ и навистина се работи за нив. Се работи за тоа да им дадеме безбеден, сигурен и достоинствен живот на луѓето; преку зборови, постапки и договори кои се подготвени токму за таа цел, како што покажа и Високиот комесар за национални малцинства”, порача Османи.

Во овој контекст, тој спомена повеќе успешни примери од работата на Високиот комесар кои сведочат за позитивното влијание на оваа функција врз социјалната кохезија, меѓу кои и Регионалната конференција на ОБСЕ и УНХЦР за спречување на бездржавјанството во ЈИЕ која минатата недела се одржа во Скопје. „Нема подобар пример за регионална, меѓуорганизациска и мултидисциплинарна работа во корист токму на луѓето кои имаат потреба”, рече Османи.

На крајот од своето обраќање Османи упати порака дека Високиот комесар за национални малцинства со текот на времето навистина докажа дека ОБСЕ како целина може да се занимава со сложени прашања и да одговори на современите прашања и потреби.

„Затоа јас, и сите ние, вложуваме толку многу во ОБСЕ. И токму како поединци, по примерот на Макс ван дер Штул, можеме да ги водиме институциите напред и да ги исполнуваме нашите мандати со живот, секој ден”, заклучи Османи.

Треба да знаете
Последни објави