Search

Повеќе од 550 учесници од девет земји дел од годинешното издание на „Џифони Македонија“

Повеќе од 550 учесници од девет земји утре ќе бидат дел од 11. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ во Скопје. Фестивалот ќе се одржи во Младинскиот културен центар (МКЦ), Кинотеката и кино „Милениум“ до 10 октомври, каде џифонците ќе гледаат филмови, ќе дискутираат и ќе учествуваат на креативни работилници.

Фестивалот утре вечер ќе се отвори со прикажување на филмот „Вратената“ во режија на Џузепе Бонито, снимен според истоимениот роман на Донатела ди Пјерантонио, во киното „Милениум“.

Како што изјави на денешната прес-конференција директорот на фестивалот, Дарко Башески, годинава освен од нашата земја, на фестивалот се очекуваат 40 учесници од Италија, Србија, Хрватска, Косово, Босна, Грција, Бугарија, Романија и Франција.

-Се враќаме со полна енергија, со преполни сали бидејќи местата за учество на фестивалот се пополнети уште пред две, три недели. Првата група се пополни за првите десет дена, и очекуваме дека ќе имаме преполни сали и нормален фестивал полн со живот на задоволство на нашите најмлади, рече Башески.

Тој додаде дека оваа година ќе има петнаесет долгометражни филмови во официјална конкуренција поместени во три категории, односно кадети (од шесто до девето одделение), јуниори (прва и втора средно) и сениори (трета и четврта). Ќе проследат 46 краткометражни играни, документарни и анимирани филмови, а добар дел од нив се филмови направени од нивни врсници од целиот свет.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од Џифони Експириенс, Агенција за филм, италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, како и од Град Скопје, МКЦ, Кинотека на Македонија, Амбасадата на Италија во Скопје и други институционални и приватни поддржувачи.

Треба да знаете
Последни објави