Search

Медитеранот стана центар на бизнис вреден милијарди долари: Грци масовно продаваат танкери кои служат за транспорт на руска нафта

Откако Русија ја нападна Украина на крајот на февруари 2022 година, грчкиот поморски сектор продолжи да заработува пари од транспортот на руската нафта. Сепак, Грците најдоа уште попрофитабилен бизнис – продавање бродови на мистериозни купувачи поврзани со Русија.

Новинскиот портал TradeWinds кон средината на февруари годинава објави дека има „голема продажба на грчки танкери“ и дека купувачите не прашуваат за цени. Наместо сини, тие поранешни грчки бродови сега пловат во „сиви“ мориња и океани, пишува Форин полиси.

Грчките компании не се главни играчи во многу сектори на глобализираната економија, но сепак се доминантна сила во поморскиот сектор. Гледајќи ја носивоста на бродовите, Република Грција минатата година повторно беше сопственик на најголемата флота во светот. Потоа Русија ја нападна Украина, а Западот возврати со санкции. Тоа не им се допадна на грчките бродари.

Сепак, санкциите за некои можат да бидат добри. Членовите на групата Г7, Европската унија и Австралија воведоа ограничување на цената што им забранува на компаниите од санкционираните земји да тргуваат со руска сурова нафта по цена повисока од 60 американски долари за барел. Побарувачката за нафта остана висока, но руските танкери кои превезуваа големи количини нафта беа под санкции и не можеа да ја транспортираат. На помош им дојдоа грчки бродари.

Според Робин Брукс, главен економист на Институтот за меѓународни финансии, речиси 50 отсто од танкери што ги напуштаат руските пристаништа се грчки бродови. Волстрит журнал на почетокот на мај напиша дека седум грчки компании транспортирале 50 отсто повеќе руска нафта од руските пристаништа во Балтичкото и Црното Море отколку најголемата руска бродска компанија „Совкомфлота“.

Сепак, многу грчки бродари одлучија дека можат да остварат уште поголем профит со продажба на своите бродови. Продажбата на грчките бродови почна да расте во февруари 2022 година, а порталот TradeWinds пишува дека има голема побарувачка за танкери насекаде низ светот, особено во земјите кои не се оптоварени со санкциите воведени кон Русија.

Помеѓу февруари 2022 и февруари 2023 година, грчките бродари продале приближно 125 транспортни бродови и заработиле четири милијарди долари. Новинскиот портал Hellenic Shipping News во јуни објави дека во првите шест месеци од 2023 година грчките компании продале 97 танкери, што е 25 отсто од вкупниот број танкери во светот.

Според податоците на консултантската фирма VesselsValue, која ја следи продажбата на бродови во светот, грчките компании од почетокот на војната во Украина продале 290 пловни објекти, најмногу од која било земја во светот. Кина е втора со 221 продадени пловила, а Русија трета со 57, со тоа што најмногу ги продавала на други руски компании и непознати купувачи.

И покрај тоа што фирмите што ги продавале танкерте заработиле многу од нив, не се знае кој ги купил. Купувачите кои сега брзаат да купат половни танкери прават огромни напори за да го сокријат својот идентитет. Најмногу грчки танкери купиле компании од Обединетите Арапски Емирати. По нив следат Кина, Турција и Индија. Аналитичарската компанија S&P Global Market Intelligence објави дека во 2022 година биле лансирани 864 бродски компании кои можат на некој начин да се поврзат со Русија. Форин полиси пишува дека повеќе од 24 компании кои некогаш биле во грчка сопственост сега се во сопственост на луѓе кои немаат ни поштенска адреса.

Иако не се познати како сила во светот на морската и океанската навигација, фактот што Обединетите Арапски Емирати купија значителен број танкери никого не изненадува. Откако Русија ја нападна Украина, Дубаи се позиционираше како „нова Женева“ – седиште на компании кои купуваат и продаваат руска нафта. По избувнувањето на војната во Украина, Кина го зголеми увозот на руска нафта, а Хонг Конг се приклучи на Обединетите Арапски Емирати и стана центар за купување и продавање нафта. Турција го зголеми и увозот на руска нафта, а турската компанија BEKS Ship Management & Trading купи грчки танкери. Неговите танкери потоа беа видени во руските пристаништа Висотка, Кавказ и Новоросијск, алжирското пристаниште Арзева и турското пристаниште Тузли.

Треба да знаете
Последни објави