Search

Каселакис: Не сум феномен, туку гласот на општеството

Не сум феномен, јас сум гласот на едно општество, кое го почитувам, го ценам и му благодарам и кажувам јасно: Никогаш нема да ве изневерам, порача меѓу другото новиот лидер на СИРИЗА Стефанос Каселакис, обраќајќи се доцна синоќа пред седиштето на партијата, откако беа соопштени резултатите, јави дописничката на МИА од Атина. 

Каселакис победи на партиските избори во СИРИЗА со 56,69 отсто од гласовите и е новиот лидер, а доцна синоќа ги поздрави членовите на партијата и порача дека „победи светлината и надежта целосно станува иднина“.

Насобраните го пречекаа со слоганите „Еве го новиот премиер“; „Стефане храбро, повторно да дојдеме на власт“; „Стефане, промени сè“.

Обраќањето го започна со погодените подрачја од невремето во областа Тесалија и изрази поддршка и надеж дека државата ќе им помогне.

Паралелно истакна дека „од утре започнува напорна работа“, а првото негово патување во странство ќе биде на Кипар.

Новиот претседател на СИРИЗА им се заблагодари на сите оние кои гласаа на изборите, на оние кои го поддржаа, на неговото семејство, како и на неговиот партнер, додека пак рече дека разговарал со неговата противкандидатка Ефи Ахциоглу, на која ѝ порачал дека очекува соработка со неа за „СИРИЗА да стане голема демократска партија, која ќе ја промени земјата“.

Ахциоглу освои околу 13.000 гласа помалку од Каселакис, а по соопштувањето на резултатите рече дека „од утре започнува голема борба“ за да бидат борбена и структурна опозиција.

Според грчките медиуми, поранешниот претседател на СИРИЗА Алексис Ципрас телефонски разговарал и со Ахциоглу и со Каселакис, на кој му ја честитал победата, додека пак за денеска е закажана средба на стариот со новиот лидер.

Треба да знаете
Последни објави