Search

Израелските воздухопловни сили трет ден по ред го нападнаа Појасот Газа

Израел денеска трет ден по ред изврши воздушен напад врз цели на екстремистите во Појасот Газа, соопшти денеска израелската армија, додека Палестинците во близина на граничната ограда лансирале запаливи балони во Израел и фрлале експлозив кон војниците.

На нападот му претходеше воен напад во северниот дел на Западниот Брег во кој беа убиени двајца Палестинци, соопштија палестинските власти.

Насилството на границата меѓу Појасот Газа и Израел во изминатата недела го зголеми ризикот од ескалација за првпат по избувнувањето на конфликтот меѓу Израел и Исламскиот џихад во мај минатата година.

Насилството избувна во чувствително време кога Евреите го одбележуваат Денот на покајанието, Јом Кипур, најсветиот ден во јудаизмот, а потоа следува еднонеделниот фестивал Суккот.

Нема извештаи за жртви во израелскиот напад во Газа.

Претходно денеска израелски војници ранија петмина Палестинци кои протестираа во близина на оградата долж границата меѓу Израел и густо населената енклава.

Палестинците повремено протестираат против блокадата на Израел и Египат која трае веќе 16 години.

Израел тврди дека блокадата е неопходна за да се спречи вооружувањето на исламскиот екстремистички Хамас, кој владее со Газа.

Израелската армија денеска соопшти дека мета биле два контролни пункта на Хамас, источно од бегалските кампови Буреиџ и Џабалија.

Контролните пунктови беа во близина на оградата што ја дели Газа од Израел, каде десетици Палестинци демонстрираа секој ден во изминатата недела.

Медиумите по третпат за три дена објавија фотографии од демонстрантите кои пуштаат балони на кои се врзани запаливи средства преку источната граница.

Балоните предизвикаа два пожари во Израел, соопшти израелската војска.

Напнатост се чувствува и на Западниот Брег, каде армијата влезе во бегалскиот камп Нур Шамс во близина на Тулкарм за да го уништи командниот центар на екстремистите и складиштето за бомби во една зграда.

За време на тие воени рации беа убиени двајца Палестинци, а Хамас потврди дека еден е член на организацијата.

Војниците денеска влегоа и во кампусот на Универзитетот Бирзеит и уапсија девет студенти за кои тврдат дека го поддржуваат Хамас.

Универзитетот ја осуди рацијата, во која наводно е оштетен имот.

Израелската војска соопшти дека осомничените планирале да нападнат израелски цели. 

Треба да знаете
Последни објави