Search

Филмските режисери и продуценти со реакција до Министерството за култура за најавеното кратење на буџетот за филмската дејност

Според неофицијални информации, на предлог од страна на Министерството за култура до Владата на Република Северна Македонија доставен е предлог за кратење на предвидениот годишен буџет за филмска дејност, без претходна најава и без консултација со Агенцијата за филм. Дополнително, според нашите информации, Министерството нема да дозволи ниту користење на средствата  од сопствената сметка на Агенцијата за филм на која се акумулираат средства од различни извори. Доколку овие информации се точни и истите бидат изгласани во Собранието на РСМ, ќе дојде до целосно блокирање на филмската дејност, бидејќи наведените средства се планирани за проекти од национален интерес кои се во тек на реализација се вели во отвоеното писмо од филмските режисери и продуценти до Министерството за култура. Отвореното писмо е потпишано од 53 режисери и продуценти.

Во него тие посочуваат дека на овој начин се нанесува штета на и онака кревката филмска индустрија во Македонија и се доведува во прашање егзистенцијата на филмските автори, продуценти, филмски работници, актери и сите останати учесници во процесите на реализација на филмските проекти.

-Блокирањето на овие филмови доведува до голема штета врз македонската кинематографија и на интернационално ниво, бидејќи во проектите учествуваат меѓународни продукции кои се финансирани од национални европски фондови и Еуримаж – најголемиот фонд за европски копродукции формиран во рамките на Советот на Европа. Континуираната пракса на кратењата на буџетот за филмска дејност на Агенцијата за филм во последните години доведува до системско уништување на дејноста, наспроти зголемувањето на содржините и буџетите во цела Европа, велат режисерите и продуцентите.

Тие додаваат дека сето ова се случува во годините кога македонскиот филм ги постигнува најголемите успеси на интернационално ниво.

Затоа барат од Министерството за култура повлекување на предлогот за кратење на средства за филмска дејност во тековната 2023 година и овозможување на користење на средствата од посебната сметка на Агенцијата.

Во спротивно, својот револт ќе го изразат со протести и со повлекување на филмовите и ТВ серии од кината, платформите и телевизиите во Република Северна Македонија. 

Треба да знаете
Последни објави