Search

Пораз за битолчани во првото коло од ЛШ, Колштад подобар од РК Еурофарм Пелистер 31:22

Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер со пораз ги почна натпреварите од европската Лига на шампионите откако вечерва во Битола загуби со 31:22 од норвешкиот шампион Колштад.

Конечниот резултат од натпреварот беше видлив на почетокот од средбата кога гостите од Колштад поведоа со 5, 6 и 7 голови разлика, а во 20 минута беше 4:12 за искусниот тим од Норвешка кој предводен од крилата Алберг и Гудјунсон лесно ја погодуваа мрежата на Лесјак.

Првото полувреме заврши со предност на гостите од 16:10, а второто го почнаа уште поефикасно и го зголемија водството на 9 голови предност – 19:10. Битолчани мотивирани од домашната публика за жал не успеаја да го совладаат одличниот голман Бергеруд, кој ги запре сите напади и удари кон неговиот гол.

Првиот натпревар од ракометната Лига на шампионите гостите од Норвешка рутинирано го завршија и со највисока предност на Колштад од 31:22.

– Верувам во играчите и екипата, но ни треба време и разигрување на бековската линија. Ние имаме сили да се натпреваруваме во европскиот ракометен крем, изјави по завршувањето на средбата, тренерот на РК Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ

Објективната битолска публика со аплауз ги награди искусните норвешки репрезентативци и интернационалци на Колштад кои лесно го совладаа Еурофарм Пелистер во чии редови единствена светла точка беше Радивојевиќ кој постигна 6 голови.

Треба да знаете
Последни објави