Search

Со измислени непријатели Мицкоски ја брани фотелјата во ВМРО-ДПМНЕ

„Европа, Светот прави стратегија како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ и оние 44 пратеници да изгласаат предавнички уставни измени. Немојте да мислите дека Ковачевски, Ахмети или Османи се тие, и немојте да мислите дека е лесно. Не е лесно. Силна борба се води за да се одбрани честа на македонскиот народ кои овие корумпирани, ситни владини функционерчиња го продадоа македонскиот народ. Ќе се бориме, не знам дали ќе успееме, можеби нас ќе не нема, но ќе се бориме, и ќе издржиме и јас ветувам, уставни измени под бугарски диктат нема да има, тоа го имате од мене како ветување“ изјави синоќа пред партиското членство во Кичево, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Иако постојано го повторува ставот дека неговите пратеници нема да дадат поддршка за уставните измени, ова е можеби едно од најдраматичните обраќања на Мицкоски во последниот период.

Неговата драматичност оди до таму што вели дека „можеби ќе не нема“ што во целиот контекст звучи како некој да му се заканува нему или на пратеничката група со наводна ликвидација.

Причините за ваквите тврдења на Мицкоски може да се најдат во фактот што во периодот пред нас сигурно ќе се засили меѓународниот притисок врз ВМРО-ДПМНЕ, но и во фактот што државата влегува во предизборен период, па ваквиот наратив е добредојден за мобилизирање на членството и симпатизерите.

Не првпат лидер на ВМРО-ДПМНЕ да создава теории на заговор дека целиот свет е против нив, такви изјави имаше и некогашниот лидер Љубчо Георгиевски, но таквите теории најмногу ги користеше Никола Груевски, кој од ветото од Букурешт во 2008 година, па се до почетокот на неговиот пад го мобилизираше членството дека ЕУ, САД, светот се против ВМРО-ДПМНЕ; а со самото тоа и против Македонците и Македонија.

Токму таквите тврдења кои беа засилени по изборите во 2016 година, доведоа да се случи крвавиот четврток на 27 април 2017 година.

Очигледно дека тврдењето „целиот свет е против нас, но ние не се откажуваме“ е добра стратегија да се одбрани фотелјата во партиското седиште, а Мицкоски можеби претчувствува дека неговата може да се затресе за многу скоро време.

Треба да знаете
Последни објави