Search

Спасовски на ТВ Алсат: Платите ги зголемивме за 25%, од септември и за дополнителни 10%, секоја година навремено исплаќаме бонус плата, градиме нова Полициска станица во Аеродром

Во интервјуто ТВ Алсат, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на прашањето што може да се очекува до крајот од мандатот со оглед на тоа дека полицијата и синдикатот бараат повисоки плати, појасни дека е во постојана комуникација со синдикатите, разговара отворено за сите прашања и заеднички констатирале дека треба да се зголемат платите на полициските службеници.

„Од моментот кога јас го преземав раководењето на МВР до денеска платите се зголемени за 25% на сите вработени и второ, сите бонус плати коишто на времето не биле исплаќани до 2016 година, туку вработените морале по судски постапки да ги наплаќаат, денеска за секоја година навремено се врши исплата на бонус плата што е дополнително нешто. За одредени сегменти во МВР, таму каде што почуствувавме дека има потреба луѓето да бидат уште повеќе мотивирани – Одделот за информатика и телекомуникации, Дигиталната форензика, ИПА Одделението… тие што носат навистина можности за нови фондови – нивните плати беа зголемени дури за 30% за да го задржиме кадарот и дополнително да го мотивираме. Знаете дека се потпиша новиот Колективен договор со што е предвидено ново зголемување на платите во јавниот сектор, во кој што спаѓа и македонската полицијата, така што од септември месец ќе имаме ново зголемување за 10%. Така што ги користиме сите можни алатки кои ни стојат на располагање, сѐ во интерес на вработените. На крајот, важни се не само личните примања, туку и подобрувањето на условите за работа. Градба на нови згради, реконструкција на постојните, купување на опрема, осовременување на методите во кои што ние сите заедно работиме се меѓу клучните приоритети. Сега, наредната недела, ќе имаме можност да поставиме камен темелник на новата зграда на полициската станица Аеродром и на ЕВР Аеродром, која беше во многу лоша состојба. Започнуваме со реконструкција на Центарот за обука, реконструкција на Одделот за управни работи во Скопје… За многу кратко време – јас очекувам веќе наредниот месец да ја пуштиме во функција новата зграда на Одделот за форензички испитувања. Тоа се сѐ капацитети, додадена вредност која што значи подобрување на условите за работа, меѓутоа и зголемување на подготвеноста на македонската полиција во гарантирање на мирот и стабилноста”, истакна министерот Спасовски.  

Треба да знаете
Последни објави