Search

Јаневски од ГИМ добитник на наградата од СКСМ за долгогодишна коморска активност

Делегација на Стопанската комора на Северна Македонијаво во состав д-р Ристо Јаневски, претседавач на Собранието на СКСМ,  Ѓорѓи Петрушев, претседател на Надзорен Одбор на Комората и  д-р Анита Блажевска, потпретседател на УО на Стопанската комора ја врачија наградата за долгогодишна коморска активност на Михо Јаневски, претседател на НО на Градежниот институт Македонија (ГИМ) по повод одбележувањето на 101 годишнина на Комората.

Михо Јаневски долгогодишен претседател на УО на Градежниот институт Македонија (ГИМ), а од неодамна член на НО на компанијата. Со своето професионално искуство активно придонесува и во коморското делување како  член на УО на Здружението за градежништво и член на Собранието на Комората. Вербата во работата на Комората, како и нејзиното значење ја докажува со своето членство веќе 20 години и со несебичниот придонес во развојот на градежништвото како дејност.

Михо Јаневски својот работен век од 40 години посветено и исцрпно го поминува во Градежниот институт Македонија (ГИМ), компанија која ги изроди најдобрите градежници кои денес водат и свои компании. Раководејќи ја најголемата македонска консултантска фирма „ГИМ“, уникатен бренд кој нуди широк опсег на услуги и кој обезбедува изнаоѓање комплексни решенија за најсложените проекти во градежништвото, веќе години наназад развива и применува стратегија за извозна ориентираност, градејќи предвидлив, одржлив и постојан развој и дејствување на „ГИМ“ на што повеќе пазари, избегнувајќи зависност и непредвидливост. Минатата година „ГИМ“ отвори филијала во Романија, со што таа е првата македонска компанија со филијала во Букурешт, а наедно ова е и нивна прва канцеларија отворена во земја членка на ЕУ. Како лидер во својата област досега има отворено подружници кои активно дејствуваат во Р Србија, Црна Гора, во Босна и Херцеговина, Р Косово и во Р Албанија.

Да се биде лидер на успешен тим од 300 вработени, од кои 155 се инженери (повеќе од 50 од нив се магистри и доктори на науки), и да се има желба за подобро утре во градежништвото е само потврда дека овогодишната награда на Стопанската комора на Северна Македонија за доајен и за долгогодишна коморска активност е во вистинските раце, кои со голема верба сѐ уште го водат кон вратите на Комората, со исти елан и дух во континуитет.  

Треба да знаете
Последни објави