Search

Ангеловска-Бежоска − Камер: Претпазливите политики на НБ клучни за одржувањето на макроекономската стабилност

Претпазливата монетарна политика и макропрудентата политика, како и зголемената транспарентност на Народната банка одиграа клучна улога во одржувањето на макроекономската стабилност. Во првиот квартал од оваа година, инфлацијата беше сведена на едноцифрено ниво од 3,4%, девизните резерви и натаму се зголемуваат достигнувајќи ниво коешто е повисоко за 30% во однос на периодот пред пандемијата, а финансиската стабилност беше дополнително зајакната. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за Европа, Алфред Камер, на маргините на Конференцијата од високо ниво во организација на централната банка на Словенија и ММФ, којашто се одржува во Порторож, Словенија.

Камер истакна дека претпазливите политики на Народната банка беа клучни за соодветно надминување на кризниот период и важно е да се продолжи на тој начин. Ова ја нагласува важноста од зачувување на независноста на централната банка.

Гувернерката посочи дека, во период од една година, инфлацијата петкратно се намали и се сведе на пониски едноцифрени стапки, додека јазот помеѓу домашната и инфлацијата во еврозоната значително се намали. Истовремено, и покрај затегнувањето на монетарната политика, стабилноста на домашниот банкарски сектор беше зачувана, а истовремено беше зголемена отпорноста со преземањето на макропрудентните мерки од страна на централната банка. Во изминатите неколку кризни години, показателите покажуваат дека адекватноста на капиталот е на највисоко ниво во изминатите 17 години, додека нефункционалните кредити се блиску до историски најниското ниво. Кредитната активност, иако во еден период забави, и натаму претставува значителна поддршка за домаќинствата и за корпоративниот сектор.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска изрази благодарност до г. Камер за значајната поддршка којашто ММФ ѝ ја дава на Народната банка во справувањето со неодамнешните незапаметени шокови.

Треба да знаете
Последни објави