Search

Спасовски: МВР е бескомпромисно во санкционирање на сторителите на семејно насилство и насилството врз жените

Денеска,(27.06.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на завршна средба: „Заедно до брзо решение на семејното насилство и насилството врз жените”, во организација на Националниот совет за родова рамноправност.

„Семејното насилство а во тој смисол и насилство врз жената, гледано во еден поширок контекст, спаѓа во групата на оние специфични индивидуални социо-девијантни феномени чија што генеза е длабоко вткаена во низа економски, традиционални, културолошки, образовни,  религиозни и други убедувања, предрасуди и предуслови напластувани низ времето и историјата на развој на општествата а кои што се уште имаат суштински импликации врз персоналното сфаќање и поведение”, рече министерот Спасовски во своето обраќање пред присутните. Притоа, тој потенцираше дека заштитата, детекцијата и превенцијата од овој облик на криминал е и ќе биде и понатаму работа на координиран и слоевит  меѓу институционален ангажман во кој не е исклучена ни конкретната партиципација на сите вонинституционални, граѓански фактори, како што всушност е и Националниот совет за родова рамноправност.

„Впрочем, ако направиме една статистичка дигресија јасно ќе ја сфатиме нужноста од претходно изнесеното. Како за илустрација, минатата година  односно во текот на 2022 година во вкупната бројка од 1.117 регистирани кривични дела од областа на семејното насилство меѓу кои најзастапени се кривичните дела „телесна повреда” и „загрозување на сигурноста”, од 1191 жртва дури 942 се жени – сопруги, вонбрачни партнерки, мајки, ќерки… Од вкупно пријавените сторители пак – 1154 лица, 1061 лице се мажи, кои што во огромен број употребиле физичка сила со нанесување телесни повреди на жртвите…”, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека изминативе години се направени мноштво нормативни, организациони и структурни исчекори за поквалитетно и поефиксано откривање и спречување на семејното насилство и насилството врз жената.

„МВР како дел од институционалниот систем во својата законска надлежност и обврска постапува по однос на секоја пристигната пријава за извршено  семејно насилство; потоа во откривањето на сторителите и покренување постапка против  истите; во делот од заштита  на лицата  жртви на семејно  насилство во рамки на истражна постапка ; и последно но не помалку важно – преземање превентивни активности во насока на сузбивање на семејното насилство”, рече министерот Спасовски, со уверување дека Министерството за внатрешни работи не само во делот на своите законски обврски и надлежности, останува доследно и посветено да партиципира онаму каде што целта е искоренување на ваквите појави, заштитата на жртвите, бескомпромисното санкционирање на сторители, и креирање на општествен амбиент каде што секој граѓанин ќе се чувствува безбедно уживајќи ги своите човекови права и слободи.

Треба да знаете
Последни објави