Search

Стефковски: Гази Баба прераснува во урбана и модерна општина, тоа го покажуваат и повеќето од 90 проекти реализирани годинава

Интегрален текст од изјава на Бобан Стефковски, градоначалник на општина Гази Баба
Денес во општина Гази Баба заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски направивме посета на повеќе населени места каде што се реализираа градежни активности во рамки на акцијата „Градежно лето, Гази Баба 2023″. На почетокот бевме во посета на населеното место Автокоманда каде извршивме увид во градежните работи за изградба на нова енергетска ефикасна фасада на ОУ „Стив Наумов”, потоа извршивме увид на градежните активности на реконструкција на кошаркарското игралиште во рамки на основното училиште на кое се поставува современа тартан подлога и увид во градежните активности на изградаба на нов паркинг простор во населбата Автокоманда, како едно од клучните барања на жителите од оваа населба. Потоа направивме посета на населеното место Инџиково каде што се врши комплетна реконструкција на фудбалски терен со поставување на подлога од вештачка трева и сега во моментот сме тука во населеното место Трубарево каде што го промовираме петтиот проект за денеска, а тоа е отварање на оперативниот центар на ЈКП Гази Баба 2007.

По 15 години од своето постоење Јавното комунално претпријатие добива сопствен простор во кој што ќе може да ги реализираат своите активности, да прераснат навистина во вистински сервис на граѓаните. Во рамки на оперативниот центар имаме простор за администрацијата, паркин простор и сервис за механизацијата, пунктови за зимско одржување, пунктови за улично осветлување и работилница опремена со најсовремен алат за изработка на урбана опрема за потребите на граѓаните од оваа општина.

Исто така во рамки на акцијата „Работно лето 2023 година” сакам да најавам дека во наредниот период ќе започнеме со изградба и реконструкција на над 40 улица на територија на општина Гази Баба.

Започнуваме со изградба и реконструкција на 7 спортски игралишта.

Новата населба Хиподром 2 после долги години ќе добие комплетно нова патна инфраструктура, а во рамки на Хиподром ќе градиме нов спортски комплекс. Исто така во населеното место Црешево ја започнуваме третата фаза од изградбата на фекалната канализација и со оваа последна фаза целото население ќе биде покриено со фекална канализациона мрежа и ќе се реши оној децениски проблем кој што го имаа жителите на Црешево, а во најава е и изградбата на водоводниот систем за населеното место Брњарци.

Ова се само дел од активностите што ги реализираме овој период и можам со сигурност да констатирам дека општина Гази Баба прераснува во урбана и модерна општина, а за тоа говорат реализираните проекти од почетокот на 2023 година до сега кои што се повеќе од 90 проекти.

Треба да знаете
Последни објави