Search

Исчезнатата подморница „Титан“ испратила сигнал за помош

 Американските и канадските тимови за пребарување се во трка со времето за да ја пронајдат туристичката подморница со петмина патници, која исчезна во неделата за време на нуркањето до потонатиот брод Титаник.

Од подморницата „Титан“ бил испратен сигнал за помош, но кога, не се знае, изјави океанологот др. Сајмон Боксал од Универзитетот во Саутемптон, кој додаде дека оваа информација ја имал од втора рака.

„Не можете да користите радио под вода. Целосно се потпирате на ‘пингови“. Она што го имаат на подморницата е навистина ограничена комуникација“, рече тој.

„Наводно добиле, не знам кога… добиле итен пинг велејќи дека бродот е во неволја. Не знам дали е генерирано автоматски или е од луѓето на подморницата“, додаде Боксал.

Тој рече дека подморницата можеби веќе е изгубена и дека сигналот би можел да биде автоматски, пренесува Скај њуз. 

Американската крајбрежна стража соопшти дека истражувачки брод наречен „Поларен принц“ извршил површинска потрага по подморницата во понеделникот вечерта. Се користи за транспорт на подморници до местото на потонатиот брод и бил помошен брод на неделната туристичка експедиција. Се верува дека е исчезната подморницата Титан на туристичката компанија OceanGate, со која минатата година патувал новинарот на Си-би-ес Дејвид Пог за да стигне до потонатиот брод Титаник.

Тој за Би-Би-Си изјави дека кога бродот за поддршка е директно над подморницата, меѓу нив може да се испраќаат кратки СМС пораки. Во спротивно, комуникацијата преку GPS или радио системи не е достапна бидејќи ниту еден не работи под вода. Пог вели дека исто така не е возможно оние кои се внатре во подморницата сами да избегаат бидејќи се запечатени одвнатре со завртки кои се навртуваат однадвор.

Областа што се пребарува е оддалечена, што ја отежнува операцијата. На ова се додава и фактот што видливоста брзо се губи под површината на водата бидејќи светлината не може да навлезе далеку.

OceanGate наведува три подморници што ги поседува, а само Титан е способен да нурне доволно длабоко за да стигне до потонатиот брод Титаник. Подморницата тежи 10.432 килограми, а билетите чинат 250.000 долари за осумдневно патување кое вклучува нуркање до потонатиот брод на длабочина од 3.800 метри.

Треба да знаете
Последни објави