Search

Путин: Украина наскоро ќе остане без воена опрема, а Зеленски е срам за еврејскиот народ

Одговарајќи на прашања на новинарите на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, рускиот претседател Владимир Путин уште еднаш ја обвини Украина за руската инвазија. И покрај анексијата на Крим во 2014 година и поддршката за проруските сепаратистички сили во Доњецк, Путин го прикажа својот напад врз Украина како нешто што бил принуден да го направи.

-Војната во Украина ја започна украинскиот режим со поддршка од неговите западни спонзори во 2014 година. Бомбардирањето започна во Донбас тогаш – тоа е војна, рече Путин.

Путин рече дека Русија „теоретски“ може да користат нуклеарно оружје доколку постои закана за нејзиниот територијален интегритет или опстанок, но дека нема потреба од тоа.

-Нуклеарното оружје беше развиено како гарант за нашата безбедност во најширока смисла на зборот и за одвраќање, но ние немаме потреба (да го користиме), рече Путин на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.

Тој додаде дека руската армија можела да уништи делови од централниот дел на Киев, но, од различни причини, одлучила да не го стори тоа. Тој не појасни кои се причините.

Нападите на руските погранични области, додаде Путин, се обиди да се сврти вниманието на руските сили од други фронтови.

За украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој има еврејски корени, тој рече дека некои Евреи веруваат дека тој ја посрамил нивната религија.

-Имам многу пријатели Евреи. Тие тврдат дека Зеленски не е Евреин, туку е срам за еврејскиот народ“, рече Путин.

Путин, исто така, предвидува дека Украина наскоро ќе остане без воена опрема и ќе стане целосно зависна од Западот, што ќе ја загрози нивната способност да водат војна на долг рок.

Тој повтори дека Украина не успеала да постигне напредок во својата контраофанзива, нагласувајќи дека украинската армија „нема шанси“ против Русија.

Потсетувајќи се на неговите прокламирани цели на почетокот на војната, „демилитаризација“ и „деназификација“ на Украина, Путин рече: „Што се однесува до демилитаризацијата, Украина наскоро целосно ќе престане да ја користи својата опрема. Нема ништо. Се што користат доаѓа однадвор. Така не можеш долго да се бориш“.

Тој во својот говор истакна и дека „непријателските држави не им дозволуваат пристап на руските бизнисмени до нивните пазари“. Путин се осврна и на заминувањето на странските компании од Русија по инвазијата врз Украина, потенцирајќи дека Москва не ни сака тие да се вратат.

Путин најави и раст на руската економија до два отсто, по закрепнувањето од минатогодишните западни санкции.

Тој призна дека Русија ќе мора да ги зголеми трошоците за одбрана.

– Нашите јавни финансии денес се генерално избалансирани, има мал тековен дефицит во федералниот буџет. Се разбира, потребни беа дополнителни средства за зајакнување на одбраната и безбедноста, за набавка на оружје, ние сме должни да го направиме ова за да го заштитиме суверенитетот на нашата земја, истакна Путин

Треба да знаете
Последни објави