Search

Холандија 23 години не загуби во Ротердам, а потоа дојде Хрватска-„коцкестите“ во финалето на Лигата на нации

По пласманот во финалето на Светското првенство во 2018 година, и освоеното трето место во Катар на крајот на минатата година, хрватската фудбалска репрезентација продолжува да испишува историја.

Вечерва во полуфиналето на завршниот турнир од Лигата на нации, „Ватрените“ по продолженијата ја совладаа Холандија со 4:2 во Ротердам, се пласираа во финалето и обезбедија уште еден медал.

Хрватска можеше да ја заврши работата во регуларниот дел, водеше со 2:1, но Холандија израмни во шестата минута од судиското надополнување и го доведе натпреварот во продолжение, во кое на домашните им пресудија Петковиќ и Модриќ.

Холандија поведе вечерва во 34. минута од првата вистинска акција, кога Мален круниса добра тимска игра.

Второто полувреме започна со добра шанса за Крамариќ во 49. минута, а потоа шест минути подоцна Модриќ беше соборен во шеснаесетникот по очајната реакција на Гакпо, а голот од 11 метри го постигна Крамариќ.

Пресвртот го режираше Пашалиќ со прекрасен гол по асистенцијата на Иванушевец и лошата реакција на одбраната на домаќините.
Перишиќ до крајот на регуларниот дел не искористи голема шанса за Хрватите, додека на другата страна Гакпо ја пропушти најдобрата прилика.

Кога се очекуваше крајот, Холандија израмни, а Ланг беше стрелец по гужва во шеснаесетникот.

Потоа мечот отиде во продолженија, а веќе во 98. минута Петковиќ постигна гол од 20-ина метри и ги врати Хрватите во водство.

Најдобрата шанса домашните ја имаа во 110. минута кога најпрвин Ливаковиќ го запре Бергвајн, а потоа Ланг промаши празен гол. Во 114. минута среќата беше кај Холанѓаните, бидејќи Пашалиќ ја погоди гредата, но две минути подоцна Маласија го собори Петковиќ, а Модриќ го постигна голот од белата точка.
Во самиот финиш Петковиќ постигна уште еден прекрасен гол, но истиот беше поништен поради прекршок од гостинските играчи.

Холандија вечерва загуби во Ротердам за прв пат по 23 години.

Финалето е на 18 јуни во Ротердам, а Хрватска ќе игра со подобриот тим од второто полуфинале во кое се среќаваат Шпанија и Италија. Тој натпревар е закажан за утре.

Треба да знаете
Последни објави