Search

Партизан убедлив во мајсторката против Олимпија- со Звезда ќе се борат за трофејот во АБА

Кошаркарите на Партизан се пласираа во финалето на АБА лигата откако во третиот решавачки натпревар од полуфиналето ја совладаа Цедевита Олимпија во Белград со 90:71 (24:16, 17:14, 24:23, 25:18).

Партизан за титулата во регионалното натпреварување ќе се бори со Црвена Звезда која во полуфиналето го елиминира Будуќност.

Пред нешто помалку од 15.000 навивачи во белградска Арена, црно-белиот тим го предводеше Зак Ледеј со 17 поени, а го следеа Џемес Нанели со 12 и Ален Смаилагиќ, Данте Егзум и Данило Анѓишиќ со по 11 поени.

Во редовите на Цедевита Олимпија најефикасен беше Зоран Драгиќ со 15 поени.

Партизан подобро влезе во натпреварот и со осум врзани поени на Смаилагиќ поведе со 8:2, а по четири минути игра стигна до големи плус 15 (17:2). Цедевита Олимпија одговори со две поврзани тројки на Драгиќ, Матковиќ следеше со осум поени, но црно-белите ја задржаа предноста и на првиот одмор заминаа со осум поени предност (24:16).

Гостинскиот тим подобро го отвори вториот дел, стигна до израмнување на половина од тој дел од играта (29:29), но избраниците на Жељко Обрадовиќ беа подобри во финишот и со серија од 11:1 дојдоа до предност од 11 поени на полувреме (41:30).

Партизан во вториот дел без поголеми проблеми одржуваше двоцифрена предност која во еден момент изнесуваше 28 поени.

Првиот натпревар од финалната серија е закажан за 12 јуни, а домаќин ќе биде Партизан.

Треба да знаете
Последни објави