Search

Индонезија трајно ќе пресели 10.000 луѓе по серијата ерупции на вулканот Руанг

Индонезиската влада трајно ќе ги пресели сите жители на островот Руанг, откако серијата ерупции на вулканот Руанг предизвикаа загриженост за опасностите од останување на островот во иднина, објави денеска министерот за координација на човечкиот развој Мухаџир Ефенди.

Околу 9.800 луѓе живеат на островот Руанг, во провинцијата Северен Сулавеси, но сите беа принудени да се евакуираат во последните недели поради серија ерупции на лава и пепел.

Властите ја подигнаа тревогата на највисоко ниво оваа недела, затворајќи го провинцискиот аеродром во Манадо и предупредувајќи за можно цунами доколку делови од планината се лизнат во околните води. Стотици „едноставни, но издржливи“ домови кои можат да издржат природни катастрофи ќе бидат изградени во областа Боланг Монгондоу на околу 200 километри од Руанг, додаде Ефенди.

Планината Руанг почна да еруптира минатиот месец, а експертите велат дека ерупциите се предизвикани од зголемена сеизмичка активност, вклучително и земјотреси во длабоко море.

Вулканот повторно еруптираше во вторникот и ги оштети домовите, принудувајќи ги жителите да се евакуираат на блискиот остров Тагуландан и главниот град на провинцијата Манадо. Патиштата и зградите во Тагуландан беа покриени со дебел слој вулканска пепел, а како што изјавија очевидци, некои покриви на згради се урнати.

Денеска немаше ерупција, но аеродромот во Манадо останува затворен до вечерва поради ширење на вулканска пепел. Индонезија се наоѓа на таканаречениот „Пацифички огнен прстен“, област со висока сеизмичка активност каде што се среќаваат повеќе тектонски плочи.

Треба да знаете
Последни објави