Search

Македонија имаше силна илустраторска сцена, една од мисиите на „Литера“ е тоа пак да стане сегашност

Македонија имаше силна илустраторска сцена, која некаде во транзицијата се изгуби. Една од мисиите на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“ е тоа да се смени, беше еден од заклучоците на вчерашната конференција „Македонска современа сликовница“ што се одржа во Музејот на град Скопје во рамките на 5. Меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца „Литера 2023“.
Конференцијата отвори интересни прашања за илустрацијата некогаш и денес, можностите за нејзиниот развој во издаваштвото, но и во академскиот сектор. Панелисти беа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, писателките Бистра Георгиева и Ника Гавровска, Бојан Саздов од издавачката куќа ТРИ, деканката на Факултетот за ликовни уметности, Славица Јанешлиева, илустраторот Димче Исаиловски, мултимедијалната уметница од Хрватска, Николина Манојловиќ-Врачар и уметницата Софија Семенпеева, идеен творец на „Литера“. Модераторки на панелите беа новинарката Сребра Ѓорѓијевска и ликовната уметница и професорка на Факултетот за дизајн и мултимедија при ФОН, Марија Ветероска.
Според Ветероска, македонската илустрација има богата историја, а тоа може да се види низ сите досегашни изданија на „Литера“.
– Од 2000 година наваму, со реформирањето на издавачките куќи имаше мал пад на поддршката на илустрацијата за деца, но тоа веќе е минато. Доказ за тоа се одличните илустратори Михајло Димитриевски Тхе Мичо, Иванка НиБа и многу други – рече Ветероска.
Исаиловски се занимава со илустрација од 1986 година, кога дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во класата на Димитар Кондовски. Професорот Александар Цветковски, еден од доајените на македонската илустрација, имал обичај сите студенти да ги праќа во „Детска радост“ за да ги „зарази“ со илустрација. Во тоа време било вообичаено уметниците да бидат вработени во институции.
– Почитта меѓу писателите и илустраторите беше на високо ниво, а конкуренцијата беше голема. Секој од илустраторите имаше по 20-30 книги. А големите уметници од илустрирање на една книга можеа да си купат автомобил – вели тој.
Состојбите со илустрацијата во Хрватска ги претстави Манојловиќ-Врачар, една од гостите на „Литера 2023“. Во Хрватска има голема продукција на сликовници, по 100-200 нови наслови годишно, но разликата во квалитетот е огромна и варира од одлични до исклучително лоши изданија.
– Кај нас печатот е многу скап. Според пропозициите, државата откупува голем дел од сликовниците, па затоа издавачите ставаат многу високи цени – рече Манојловиќ-Врачар.
На ФЛУ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ илустрацијата се изучува како еден од курсевите во рамките на модулот за графички дизајн. Од друга страна, пак, имаме одлични цртачи, вели деканката Јанешлиева.
– Александар Цветковски одигра исклучителна улога во развојот на илустрацијата за деца и постојано регрутираше млад кадар во оваа дејност. Потребен ни е таков човек кој ќе биде директна врска со издавачите куќи. Верувам дека „Литера“ е на добар пат да ја преземе таа улога во развојот и промоцијата на македонската илустрација – рече Јанешлиева.
Семенпеева се надоврза дека целта на фестивалот е да покаже дека сликарството, вајарството, графиката можат да бидат илустрација, сè е тоа уметност. Според неа, македонската сцена е прилично затворена и вмрежувањето и комуникацијата се неопходни за раст и развој.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска рече дека чекорот на „Литера“ е револуционерен во промоцијата на илустрацијата за деца, исклучително важен сегмент од развојот на секое дете.
– Буквата кај децата доаѓа пред проодувањето. Читањето сликовници е многу важно, тука се почетоците на сите приказни и допирот со книжевноста. Една од нашите определби е да ги поддржиме овие изданија што од друга страна ќе ги отвори вратите на европските фондови. Тие поддржуваат проекти кога ќе увидат дека и државата вложува во одредена дејност. За сите овие прашања треба отворено да разговараме – рече Костадиновска-Стојчевска.
Гавровска, авторка и сопственичка на издавачката куќа „Гаврош“ ја нагласи потребата од Агенција за книга за која се зборува долго време. Таа посочи дека конкурсот за книги за деца треба да се издвои како посебен и да се вложува поголем буџет во помалку изданија, но да се даде предност на квалитетот.
Бистра Георгиева, една од авторките на едицијата „Стела и Сани“ го раскажа своето искуство со овој проект кој досега има десет изданија. Таа даде интересен аспект од нејзиното искуство додека работела во Агенцијата за филм во програмата „Медиа“ на Европската Унија.
– Тогаш сфатив колку е тешко да се работи од другата страна, кога сте обврзани со административни правилници, акти, закони кои многу тешко се менаџираат. Тоа не значи дека промените се невозможни. Но, да бидеме упорни и да почнеме да ги правиме. Да не остане ова уште една дебата на која сме кажале важни нешта и останало на тоа – рече Георгиева.
Бојан Саздов од издавачката куќа ТРИ која ги издава „Стела и Сани“ објасни колку е тешко и скапо да се одржува таков проект, особено што оди во пакет со анимирани епизоди како алатка полесно да се допре до децата како публика.
– Побаравме поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој и од Министерството за култура. Друг проблем е што нашиот пазар е многу мал. Има примери за успех надвор, „Светот на Биби“ се пробија на пазарот во Србија, но мора да се има предвид дека таму конкуренцијата е многу силна – рече Саздов.
Конференцијата беше заокружена со став дека дебатата за состојбите мора да продолжи, зашто тоа е единствениот начин да се согледаат проблемите и да се најдат заеднички решенија. Семенпеева најави дека следен голем чекор на „Литера“ е Саемот во Болоња, а Саздов кој е претседател на Македонската асоцијација на издавачи посочи дека како издавачи ќе дадат поддршка на тој процес.
Третиот ден на „Литера 2023“ почна весело – министерката Костадиновска-Стојчевска им читаше сликовница на третоодделенците од скопското школо „Кузман Јосифовски-Питу“. Во мешувреме илустраторот од Хрватска, Доминик Вуковиќ ја почна дводневната работилницата со триесетина учесници. Во попладневните часови нековата колешка Бранка Холингсворт-Нара одржа работилница. Денот заврши со промоција на сликовниците „Бакнежот на пролетта“ од писателката Елизабета Баковска, со илустрации на Катерина Соколова и „Ѕуница“ на Бранислав Николов и Иванка НиБа. Промоторка на делата беше ученичката Јована Николовска која водеше разговор со Баковска и со НиБа.

Фестивалот го поддржува Министерството за култура, Халкбанк, Ефектива, Органик нар, Умно.мк, Скопска пивара и други.
Повеќе за програмата на следниот линк:
https://literafestival.com/litera-2023/programa-2023/
https://www.facebook.com/Litera.mk

Треба да знаете
Последни објави