Search

ЕХФ го суспендира Драган Начевски поради наводно учество во – местење натпревари!

Скандалозна информација денеска пристигна од Виена. Раководството на Европскатта ракометна федерација (ЕХФ) реши да го суспендира од сите функции Македонецот Драган Начевски, поради сериозен сомнеж за вмешаност во местење на натпревари. Поранешниот интернационален македонски ракометен судија Начевски сега е меѓународен делегат, кој години нанзад е и прв човек во Европа што се грижи за судиите и судењето и е предводник на Натпреварувачката комисија.

Извршниот комитет на ЕХФ соопшти дека одлуката е донесена по последните информации добиени од данската телевизија ТВ2 на 23 мај. Според овие информации, на состанок одржан во јануари 2020, Драган Начевски и наводен бизнисмен, кој се претставувал дека има намера да стартува кинески тим во СЕХА-лигата, навозно разговарале и за темата за местење на натпревари, за што ТВ2 има видео и аудио доказ.

ТВ2 ја известила ЕХФ дека Драган Начевски во повеќе наврати одбил да соработува во местење на натпревари, но спорно било тоа што категорично не се дистанцирал од оваа проблематика и испратил погрешни сигнали.

Исто така, анонимен извор, се претпоставува дека е поранешен меѓународен судија, за ТВ2 изјавил дека Драган Начевски, преку трето лице, побарал да се манипулира со резултатот на натпревар. За овој наводен инцидент не се обезбедени повеќе информации.

Драган Начевски со писмо ја известил ЕХФ дека никогаш не учествувал во местење на натпревари.

Од ЕХФ признаваат дека обвинувањата на ТВ2 не можат во целост да бидат проверени, но за да се заштити интегритетот на ракометниот спорт, донесена е одлука за привремена суспензија на Драган Начевски.

Исто така, целиот случај е предаден на соодветните тела во ЕХФ а за случувањата е известена и австриската федерална полиција.

Треба да знаете
Последни објави