Search

Ковачевски: Нема веќе дополнителни формулации за македонскиот јазик, тој е официјализиран и во ООН и во ЕУ

Избравме годинава да го чествуваме 24 Мај, овде, на Плаошник, местото каде е основан и дејствувал првиот словенски универзитет затоа што тука најгласно одекнува вечната и непобитна вистина за потеклото на нашиот македонски јазик, на нашата македонска писменост и култура, а со тоа и на нашиот македонски идентитет, кажа премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето по повод Денот на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј.

-Затоа што токму на оваа македонска почва, светите Кирил и Методиј ја создале глаголицата, ја создале писменоста, од којашто натаму се развива и современата македонска писменост. Од ова парче земја го црпиме старословенското, кирилометодиевското и црковнословенското наследство, кое е суштински дел од културното наследство на сите словенски народи, а меѓу нив и на мојот, на нашиот, на македонскиот народ. Одејќи по стапките на сесловенските просветители Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски, токму овде, во Охрид, ја развил Охридската книжевна школа. Тоа е првиот словенски универзитет во тоа време и тој прераснува во еден од најголемите и највлијателните културни центри, од каде што се шири словенската писменост, истакна премиерот.

Според него, ракописи од таа Охридската школа, денес се наоѓаат речиси во сите позначајни светски библиотеки и установи.

-Еден од наследниците на Климент, еден од најголемите борци за признавањето на македонскиот јазик, Крсте Петков Мисирков, вели: „За среќа, има македонска национална култура и историја и тој факт го вооружува македонскиот народ, со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот, како рамноправен член во бројот на културните народи“. И јас сум убеден дека и Климент Охридски, еден од учениците на Браќата Кирил и Методиј, и нивните наследници: Мисирков, Конески, како и: Јаневски, Андреевски, Шопов, Рацин, Андреевски – денес би биле подеднакво горди со сите нас.
Затоа што, како што вели еден од нашите најзначајни современи дејци, Блаже Конески, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик: „Јазикот е нашата целокупна татковина“. Но, Конески предупредува и дека: „Од нас зависи дали јазичната средина ќе биде загрозена или не“. А ние, нашата јазична средина ја заштитивме, преку тешки, државнички, храбри одлуки како и што доликува на една одговорна Влада која го цени своето богато културно и историско минато. Со овие одлуки, најнапред ги осигуривме територијалните граници преку членството во НАТО, а потоа го заштитивме македонскиот јазик и идентитет преку почетокот на преговорите со Европската Унија, минатата година, потенцира премиерот.

Тој додаде дека власта е силно посветена да го изоди европскиот пат.

-Да се осигураме дека европскиот квалитет на живот ќе го имаме и тука, дома. Посветени сме да дадеме глас за Европа за да обезбедиме услови младите, луѓето, да живеат, учат, работат во својата родна земја. Да има кој да говори, пишува и создава на мајчиниот македонски јазик, денес и засекогаш во иднина. Овој 24 Мај – Ден на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј и Ден на сесловенската писменост, го дочекуваме исправени и особено горди, затоа што македонскиот стандарден јазик, нашиот официјален јазик, е признат и е рамноправно прифатен меѓу официјалните јазици во Европската Унија! Нема повеќе внимателни формулации како до пред извесно време, на описно означување на нашиот македонски јазик, како: „јазик на македонската култура“, „јазик на македонската литература“, или „јазикот на Блаже Конески“, „јазикот на Матеја Матевски“, и слично. Успеавме и ние: денес македонскиот јазик е официјализиран, по Обединетите нации – и во Европската Унија. Добивме и формална потврда дека македонскиот јазик е на рамноправно рамниште со сите други јазици што се зборуваат во Европската Унија, преку потпишаниот Договор за ФРОНТЕКС, првиот ваков договор помеѓу Европската Комисија и Република Северна Македонија, потпишан на македонски јазик, заедно со останатите официјални јазици на Европската Унија. И европското законодавство се преведува и на нашиот мајчин, македонски јазик. Денес јасно и гласно, во официјални изјави, на сите европски лидери и претставници на меѓународната заедница, нашиот јазик е прецизно именуван како македонски јазик. Никој повеќе не може, на европските дебатни маси, да зборува во наше име, нагласи Ковачевски.

Треба да знаете
Последни објави