Search

Левица преку автентично толкување бара намалување на функционерските плати 

Денес, пратениците на Левица поднесоа Барање за давање автентично толкување до Претседателот на Собранието – Талат Џафери.

Имено, со Одлуката на Уставниот суд, со која платите на функционерите се покачија неверојатни 78%, цениме дека забуната е настаната при некоректно толкување на членот 11 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Републиката.

Односно, Министерството за финансии во циркуларна порака до буџетските корисници, им наложува формулацијата „просечна исплатена месечна плата” да ја толкуваат како бруто-плата по работник?! Но, подоследна интепретација на оваа фраза е таа да се толкува дека истата се одесува на нето-плата по вработен од ланската година, според податоците на ДЗС – при што, во овој случај ќе стане збор само за “одмрзнување”, а НЕ и за зголемување на функционерските плати.

Заради доследна и јасна примена на одредбата од посочениот закон, како и заради обезбедување на правна сигурност на граѓаните, Левица бара ваквата законска норма да се однесува на нето, а не на бруто-плата на вработен.

Во услови на растечка сиромаштија и зголемена класна раслоеност, недозволиво е функционерите да бидат привилегирани во однос на обичните граѓани. Апелираме оваа наша иницијатива конечно да наиде на добра волја кај парламентарното мнозинство, и за разлика од негативните примери во минатото кога низа анти-естаблишментски предлози на Левица беа одбиени – конечно Парламентот да почне да работи во интерес на сите граѓани.

Треба да знаете
Последни објави