Search

Трамп по апсењето: Невин сум

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја напушти судницата на Менхетен откако се изјасни за невин по 34 обвиненија. На излегување од судницата Трамп, иако имаше таква најава, не даде изјава, туку само влезе во своето возило и со придружбата замина за Флорида, од каде најверојатно ќе го има своето обраќање до јавноста.

Со излегувањето од зградата на судот, Трамп веќе нема статус на уапсено лице

Екс претседателот претходно беше формално уапсен, по што по брза постапка беше однесен пред судија да му биде прочитано обвинението.

Новинарот на NBC дознава дека Трамп активно се бранел, дури и дека во еден момент претерал, па судијата му дал предупредување. Судијата го опомена и за навреда на луѓето на социјалните мрежи.

Исто така, NBC дознава дека Трамп ги дал отпечатоците од прстите пред да влезе во судницата.

Обвинението против Трамп го покрена Големата порота на Менхетен и се состои од повеќе од 30 точки. Тоа се однесува на вмешаноста на Трамп во плаќањето на 130 000 долари на порно актерката Сторми Даниелс за да ја спречи јавно да зборува за наводната афера со него, за која таа тврди дека се случила во 2006 година.

Како што пренесува Скај њуз, Трамп не бил врзан со лисици на барање на неговата придружба од Тајната служба.Сепак, по неговото појавување пред судот, на Трамп му биле земени отпечатоци и бил фотографиран за евиденција.

Неговата адвокатка Џули Ренделман рече дека „никогаш не помислила дека ќе доживее ваков ден“. „Искрено, не можам да верувам дека ова се случува“, додаде таа.

Пред судот се собраа поддржувачи и противници на поранешниот претседател, а меѓу двете групи кои разменуваа навреди застанаа и припадници на њујоршката полиција. Сепак, најголемиот дел од просторот пред кривичниот суд го зазедоа новинари, по случај без преседан во поновата американска историја.

Пред рочиштето тој им се обрати на поддржувачите порачувајќи им дека ова е „трагичен ден“.

Треба да знаете
Последни објави