Арсовска: Ниту можам ниту сакам да донесам одлука за отстапување на Универзална, тоа ќе го направи Советот

Дали Град Скопје ќе ја отстапи Универзалната сала на Владата ќе одлучи Советот на Скопје, соопшти денес градоначалничката Данела Арсовска. Извести дека има иницијатива од дел од советниците салата времено да се отстапи на Владата.

„Универзалната сала е симболот на градот. Тоа не е одлука која што јас како градоначалник, ниту можам ниту сакам да ја направам. Истата поради несоодветно планирање и проектирање е соочена со бројни проблеми и сметам дека овие работи треба да се дискутираат и разговараат како точка на дневниот ред како иницијатива. Одлука не може денес да се донесе“, порача Арсовска.

Инаку, на 16-ти ноември лани, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов информираше дека имаат комплетна согласност од градоначалничката за Универзална сала целосно да ја преземе Министерство за култура. Истиот ден, Градот Скопје соопшти дека околу ова прашање Градот ќе изјасни откако ќе добие официјално барање од министерството.

Арсовска денес побара поддршка од советниците на град Скопје со цел да се реализира тоа што им е ветено на граѓаните.

„Тие да не се водат од партиски интереси. Тоа што тие ги блокираат проектите, последиците ги чувствуваат граѓаните“, рече градоначалничката Арсовска.

Таа апелира советниците да ги надминат политичките игри за граѓаните да не бидат заложници на политиката и побара поддршка и за предложената набавка на еко- автобуси и за намалување на цените на такси – услугите.

Треба да знаете
Последни објави