Search

Масовниот штрајк во Израел создаде хаос во земјата

Владата на Израел разговара за замрзнување на нејзината контроверзна планирана судска реформа по масовните протести кои избувнаа во неделата навечер, објави „Џерусалим пост“ во понеделникот наутро, но протестите остануваат непрекинати и се чека изјава од премиерот Бенјамин Нетанјаху. Израелскиот министер за правда Јарив Левин, порача дека ќе ја почитува секоја одлука на Нетанјаху за иднината на неговите предлози за судски реформи.

Протестите во Израел траат со недели, а ситуацијата ескалира вчера кога Нетанјаху го отпушти министерот за одбрана затоа што се спротивстави на спроведувањето на реформата. Се уште се очекуваат масовни протести, а демонстрантите се собраа пред зградата на израелскиот парламент на Кнесет во Ерусалим.

Израелската синдикална организација Хистадрут повика на генерален штрајк поради масовните протести против судските реформи. Утринава, како дел од протестот против судските реформи на израелската влада, синдикатите го окупираа аеродромот Бен Гурион во Тел Авив. Поради ова, сите појдовни летови од Тел Авив се одложени до дополнително известување.

„Наредив итно прекинување на полетувањата од аеродромот“, рече Пинчас Ајдан, претседател на синдикатот на аеродромот Бен Гурион.

Десетици илјади патници се очекува да бидат погодени од промените во распоредот на летови.

Хистадрут претходно повика на „историски“ штрајк на работниците за да се запре „лудилото“ на контроверзната судска реформа на владата. Се повеќе синдикати се приклучуваат кон повиците за генерален штрајк во земјата.

И двете главни пристаништа во земјата, Хаифа и Ашдод, прекинаа со работа. Двете пристаништа издадоа соопштенија во кои се наведува дека работата е запрена, пренесува Ројтерс.

Мекдоналдс ќе почне да ги затвора сите свои филијали во Израел напладне по локално време, објави глобалниот синџир за брза храна преку твит.

Тие наведуваат дека го повлекуваат потегот согласно повиците на синдикатот за генерален штрајк.

Треба да знаете
Последни објави