Search

Повеќе пари во џебот на граѓаните, со МојДДВ продолжува борбата за намалување на сивата економија

Преземено од Фронтлајн.мк

Законските измени кои се однесуваа на зголемувањето на износот на поврат на ДДВ го поминаа собранискиот филтер. Сите корисници на МојДДВ веќе за првото тромесечие од годинава ќе можат да добијат поврат од 2.100 денари. Изгласана измена важи од први јануари, така што во апликацијата ќе замине во историјата максималниот лимит од 1.800 денари. Со новото решение еден граѓанин ќе може да добие поврат од 8.400 денари годишно наместо досегашните 7.200, додека четиричлено семејство ќе може да повлече една просечна плата плус, односно 33.200 денари.

-Првите зголемени суми, корисниците на апликацијата МојДДВ ќе ги добијат со исплатите во мај за скенираните фискални сметки во периодот јануари – март 2023 година“, потенцира директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

Мерката МојДДВ започна да се применува од први јули 2019 година, кога наиде на широк интерес кај граѓаните. Од почетокот реализацијата до денеска, на сметките на граѓаните преку оваа мерка легнале околу шест милијарди денари. Односно, во просек секоја година над 22 милиони евра завршуваат директно кај граѓаните. Апликацијата МојДДВ стартувала со 212.776 корисници, но тие постојано растат и бројката се искачи на над 520.000 лица.

Мерката Мој ДДВ дава одлични резултати во борбата против сивата економија, но и за зајакнување на стандардот на граѓаните, што е особено добредојдено во време на светска економска криза. Според очекувањата на државните власти ваквото ново решение ќе претставува стимул и кај граѓаните и кај компаниите, едните да бараат, а другите да издаваат фискални сметки. Мерката Мој ДДВ има сериозно директно влијание врз подобрување на семејните буџети, зголемување на бројот на издадени сметки, намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција.

Правото на враќање на данокот може да се оствари само еднаш за една иста фискална сметка, односно правото на враќање на данокот не се остварува за фискалната сметка која е веќе пријавена.

Враќањето на данокот се врши на трансакциската сметка, по службена должност од страна на Управата за јавни приходи, во рок од 60 дена по истекот на календарското тримесечје во кое е издадена фискалната сметка.

На предлог на Министерството за финансии, Владата на 27 декември 2022 година го утврди текстот на Предлог-законот со кој се зголемува максималниот износ на поврат на ДДВ што може да го добие едно физичко лице со скенирање на фискални сметки за едно тримесечје.

Треба да знаете
Последни објави