Search

Демант на општина Кисела Вода: Платата на градоначалникот не е зголемена, ниту пак  имало обид за нејзино зголемување

Би сакале да реагираме и да ги демантираме бруталните лаги изнесени во текстот споделен на вашиот портал под наслов “Градоначалникот на Кисела Вода бара да му се зголеми платата на над 90.000 денари месечно?!”Во крајно невистинит и тенденциозен текст се објавува целосна невистина, без притоа да се праша општина Кисела Вода за став.

Во текстот се изнесени груби невистини во обид да се оцрни работата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Како општина која работи крајно транспарентно, должни сме да ја информираме јавноста за фактичката состојба, објавувајќи ја документацијата со која се докажува дека платата на градоначалникот не е зголемена, ниту пак  имало обид за нејзино зголемување.
Советот на Општина Кисела Вода, на 26. 12. 2022г., донесе одлука за извршување на Буџетот на Општина Кисела Вода за 2023 година и истата е доставена до Министерството за финансии, од каде единствената забелешка е дека текстот во една реченица треба да се замени со формулација која ја користи актуелното Министерство за финансии. Да се скрати текстот, бидејќи било предетално објаснето. ОНА ШТО Е НАЈВАЖНО ЗА ЈАВНОСТА, е дека во текстот за кој се бара промена и што Општината треба да го спроведе, воопшто не се работи за корекција ниту на коефициент, ни на основицата по која се пресметува платата. Платата е определена со член 17-в од Законот за плата на функционерите и други избрани и именувани лица во Републиката.

Познавачите на финансиските закони и нивното спроведување, новинарите кои се занимаваат со економија, знаат дека платата на градоначалникот е утврдена со овој Закон за исплата на плата на функционери и именувани лица и знаат како таа се пресметува. Основицата е законски утврдена, а коефициентот со кој се множи основицата, се пресметува според бројот на жители. Ниту се работи за какво било зголемување на платата на Градоначалникот, што многу лесно може да се разбере за тој што го познава законот. Во прилог ви праќаме и документација со која сево ова се потврдува. 
Сакаме да ја информираме јавноста дека тој ист градоначалник, од кога го презеде мандатот, за репрезентативни средства има потрошено нула денари, во неговата програма воопшто нема ни предвидено средства во репрезентативни цели, не користи службени возила ниту службено гориво, ниту потрошил денар за службени ручеци со пари од граѓаните, како што беше тоа случај во минатото со други градоначалници.


Оттука е во најмала рака е чудно од каде доаѓа поривот некому да наштети на градоначалник што досега за една година сработил речиси 70% од предизборната програма. Транспарентната работа на опшина Кисела Вода, под раководство на Орце Ѓорѓиевски, подразбира и достапност и комуникација со медиумите во било кое време. На располагање стојат и службите кои на пример, би им помогнале во нејаснотиите кои новинарите би ги имале доколку не знаат, на пример, како се утврдува и пресметува плата на функционерите. Отворени сме за сите прашања.Затоа е крајно нечесно свесно да се лаже јавноста со измислици од нечии кујни за манипулација кои ја доведуваат во прашање и веродостојноста на вашиот медиум. Искрено надевајќи се дека се работи за ваш ненамерен новинарски пропуст, од Вас бараме да го објавите во целост овој демант, да го повлечете текстот и да се извините. Во спротивно, ќе преземеме правни мерки за заштита, а средствата од спорот ќе ги донираме. 

Треба да знаете
Последни објави