Search

Арсовска им порача на бутелчани да не потпаѓаат на провокации, не отстапува од изградба на „Боца Ивановска преку нивните дворови

Проектот за изградба на булеварот „Боца Иванова“ во општина Бутел е еден од клучните проекти на програмата „За Модерно Скопје“, програма за која гласаа 120.000 граѓани жители на градот Скопје. Огромен број од овие граѓани се жители токму на општина Бутел, кои самите го истакнаа овој проект како клучен за нив. Оттука, морам со индигнација да ги отфрлам лагите кои последниве неколку дена ги изнесе градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски – рече денеска на прес-конференција, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Пред два дена, жители од 16 куќи од улицата „Хо Ши Мин“ излегоа на протест. Тие реагираа поради одлуката на Град Скопје за пробивање на улицата „Боца Иванова“ преку нивните дворни места бидејќи за асфалтирање на оваа улица ќе треба да им се одземе половина од нивните дворови која всушност е во сопственост на државата, а жителите велат дека за користење на земјиштето со години плаќаат данок. Арсовска рече дека не планира кривичен прогон.

-Ние нема да дозволиме да се прави овде улица, ќе правиме проблеми колку што треба, ќе ги паркираме автомобилите, ќе ги изнесеме децата. Улица нема да се прави, ја молиме државата да не ни прави проблеми, да не ни го руши мирот што го имаме – вели еден од нив.

Арсовска смета дека бутелчани кои најавија дека со жив штит ќе ги бранат дворовите, потпаднале на провокациите од градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски. Таа беше прашана за став околу т.н. „жив штит“ на прес-конференција, каде кажа дека мора да се почитува законот.

-Сметам дека должиме детално објаснување на јавноста за низата на манипулации и ноторни лаги кои деновиве беа актуелни, а нарачани и подготвени во партиските кујни на ВМРО-ДПМНЕ. Се работи за капитален проект за изградба на целосно ново булеварско решение, кое вклучува изградба на нова водоводна и атмосферска мрежа како и ново улично осветлување. На булеварот се проектирани и велосипедска патека, пешачка патека и соодветно партерно уредување по целата негова должина. Согласно Генералниот урбанистички план градот Скопје, овој булевар е предвиден за изградба уште во во 2002 година, а подоцна и потврден во 2012 година кога градоначалник бил г-дин Коце Трајановски, инаку градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – значи овој булевар е предвиден и ветуван нешто повеќе од 20 години, рече Арсовска.

Според неа, блеварот се простира на државно земјиште, но сепак, во еден дел од трасата каде што треба да се изгради овој булевар постојат десетина семејства кои ги прошириле своите дворови на тоа државното земјиште врз кое е предвидена изградбата на овој булевар, а со тоа и го узурпирале земјиштето, што според член 225 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија е казниво дело.

-Мене ми е навистина жал што тие сметаат дека треба да потпаднат под провокациите на овие политиканти кои ги споменав. Во оваа држава постои закон и не знам како да кажам, дека една личност од една страна не може да зборува за дивоградби, за урбана мафија, а од друга страна да излезе и во истата реченица да брани узурпација на државно земјиште. Ова самото по себе е парадокс. Ние зборуваме за право, правичност. Узурпацијата не оди со овие термини. Градот Скопје нема намера да врши кривичен прогон на граѓани, но сакам да апелирам до граѓаните во овој дел на општина Бутел да не потпаѓаат под политичките игри и манипулации на политиканти кои се обидуваат да ги инструментализираат во својата нечесна политика. На крајот, одговорноста за узурпацијата на земјиштето нема да биде на градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски, туку на оние кои го узурпирале земјиштето“, посочи Арсовска.

Треба да знаете
Последни објави