Search

Владата ќе го разгледа Извештајот на консултантот за преговорите со конзорциумот „Бехтел и Енка“

Владата денеска ќе го разгледа Извештајот на консултантот за преговорите со американско – турскиот конзорциум Бехтел и Енка, кој треба да ги гради коридорите 8 и 10 Д во земјава, најави вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби на неговиот официјален фејсбук профил. 

-Голем ден не очекува денес во Управниот комитет, а подоцна и во Владата каде ќе го разгледаме извештајот на нашиот консултант околу преговорите со конзорциумот Бехтел-Енка за изградба на Коридорот 8 и 10 Д, како и предлог-договорот за усвојување и потпишување. Дојде долгоочекуваниот ден, стои во објавата од Груби.

На 2 февруари во Владата беше потпишан договор со италијанската ИРД инжинеринг за надзор и правен трансакциски советник  за четирите автопатски делници во должина од над 120 километри на коридорите 8 и 10д.

Со потпишувањето на договорот стартуваа преговорите на надзорот во име на Управувачкиот комитет на Владата со „Бехтел и Енка“ за натамошниот тек на проектот, што според најавите треба да стартува годнава. Следна фаза треба да биде потпишување договор за изведба на работи на автопатските делници на Коридорот 8: Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри) Гостивар – Букојчани (30,1  километар), Тетово – Гостивар ( 27  километри)  и на делницата Прилеп – Битола (43,4 километри) од Коридорот 10- д.

ИРД инжинеринг во државава  е присутна со услуги над 20 години,  а директорот Паоло Орсини на потпишувањето на договорот вети дека ќе обезбедат највисоко ниво на надзорни услуги и оти навремено и квалитетно ќе бидат завршени работите.

Владата минатата година потпиша меморандум за соработка со „Бехтел и Енка”, а Собранието донесе Закон за утврдување јавен интерес и негово номинирање за стратешки партнер за овој проект. 

Минатата недела имаше објави во медиумите околу вкулучените компании во избраниот надзор за проектот, а премиерот Димитар Ковачевски порача да се пријави секаков сомнеж или информации во однос на интегритетот на вработени, подизведувачи, субконтрактори.. вклучени во инфраструктурниот проект

Треба да знаете
Последни објави