Search

За килограм брашно плаќаат по 150 денари: Поскапувањата неиздржливи за нетолерантните на глутен

Неправилни декларации и неистражени производи, тежок пристап до специјалисти, високи цени и тешка достапност – се дел од проблемите со кои се соочуваат лицата заболени од Целијаклија, хронична автоимуна болест што се карактеризира со неподносливост на организмот на глутен. Лицата со оваа дијагноза се жалат дека во маркетите нема безбедни производи за нив, а и онаму каде што ги има се прескапи.

„Пред да почне корона кризата во аптека имавме избор од две безглутенски брашна кои што можевме да ги земеме со рецепт, едното чинеше околу 40 другото околу 70 денари за килограм. Сега го нема поевтиното, а поскапото е околу 150 денари. Зборуваме за еден килограм брашно. Исто така бидејќи набавката преку рецепт е малку непотребно комплицирана, многу луѓе се принудени да купуваат вакво брашно без рецепт од чија цена се уплашив и не сакав ни да ја запаметам пред последното поскапување“, се пожали Кирил Тројачанец кој ја има оваа дијагноза од 2018 година и вели дека ризикува и тогаш кога купува безглутенски производи кај нас поради тоа што се случува да се произведуваат во ист погон со глутенските па да имаат траги од глутен поради кои со денови се измачува.

Забелешки за високите цени на безглутенските производи има и Сара Каракамчева, претседателка на Здружението „Без глутен“ која вели дека безглутенските производи се 100 отсто поскапи од глутенските.

„Цената на безглутенското брашно се качува секоја година, без консултација и известување. Како што известуваат и се консултираат за глутенско брашно, млеко и сл. така треба и со нас за нашето брашно. Изгледа надлежните не разбираат дека ова е за нас лек, како што за дијабетичарите е инсулинот“, вели Каракамчева.

Фондот за здравствено осигурување потврди дека имаат проблем со обезбедување безглутенска храна, но се обидуваат да им излезат во пресрет на пациентите со издавање посебни потврди.

„Тие добиваат потврди кои важат 30 дена и можат да си купуваат храна. Парите им се рефундираат бидејќи не се понудила ниту една фирма во ФЗО досега“, велат од Фондот за „Макфакс“.

Во пракса, лицата нетолерантни на глутен се жалат дека проблем е непотребно комплицирање на постапката.

Треба да знаете
Последни објави