Search

Манчестер сити го мерка Ковачиќ

Актуелниот англиски фудбалски првак Манчестер сити е заинтересиран за услугите на хрватскиот репрезентативец Матео Ковачиќ (28), кој ќе го напушти Челзи по завршувањето на сезоната, објави британски „Телеграф“. Ковачиќ има договор со Челзи до јуни 2024 година но веќе беше објавено дека тимот од „Стемфорд Бриџ“ не сака да го задржи.

Според „Трансфермаркт“, Ковачиќ вреди 40 милиони евра, што е за пет милиони помалку од сумата за која дојде во Челзи од Реал Мадрид во 2019 година.

„Телеграф“, пишува дека Џуд Белингам (19), младата ѕвезда на Борусија Дортмунд е првата желба на Сити. Сепак, за него ќе се борат со Ливерпул, Реал Мадрид и Челзи, а тоа би можело да ги чини повеќе од 100 милиони евра.
Ковачиќ би бил поевтина и неопходна опција доколку клубот го напуштат Илкај Гундоган и Бернардо Силва, за што исто така се шпекулира.

„Можно е Сити да донесе повеќе од еден играч од средниот ред во текот на летото. Ковачиќ е релативно евтина, но топ опција доколку не го продолжи договорот со Челзи“, пишува „Телеграф“.

Англиските медиуми потсетуваат дека клубот од Манчестер го следеше Ковачиќ во 2018 година пред тој да замине од Реал во Челзи. Хрватскиот играч за врска досега одигра 207 натпревари за Челзи.

Треба да знаете
Последни објави