Search

Украинската војска соборила руски балони над Киев

Шест руски балони биле забележани над Киев, а повеќето од нив биле соборени од противвоздушна одбрана, соопшти воената управа на главниот град на Украина.

Воената администрација соопшти дека балоните можеби носеле рефлектори и опрема за извидување, но не прецизира кога го прелетале главниот град, иако денеска во Киев беше издадена воздушна тревога.

„Според информациите кои сега се разјаснуваат, станува збор за балони кои се движат под влијание на ветерот“, напиша воената управа на Телеграм. „Целта на лансирањето на балоните веројатно беше да се открие и исцрпи нашата противвоздушна одбрана“, се додава.

Непосредно пред таа објава, портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Ихнат изјави дека Русија може да користи балони за да ги зачува резервите на извидувачки дронови. „Извидувачките беспилотни летала како Орлан-10 сега се користат поретко, па (Русите) помислија: „Зошто да не ги користат овие балони? Така, тие ги користат“, изјави Ихнат за украинската телевизија.

Тој подоцна потврди дека денеска во главниот град се огласиле сирени за воздушен напад поради балоните. Русија не ги коментира наводите за балоните над Киев.

Треба да знаете
Последни објави