Поради енергетската криза поттикната од војната во Украина, многу компании, официјални претставници и администрации ги ставија греалките на минимум. Во Филинген-Швенинген, температурите во канцелариите се намалуваат до 19 степени Целзиусови.
Градот Филинген-Швенинген во југозападниот дел на Германија зимава воведува мерки за заштеда на енергија, поради што го намалува греењето во јавните установи и на вработените им нуди бесплатни зимски јакни.
Портпаролката на градот, Мадлен Фалке, за државната телевизија СВР изјави: „Со овие собни температури и претежно седечката природа на работата, на персоналот брзо му заладува.“
Таа рече дека униформниот дизајн на јакните исто така има за цел да го зајакне чувството на заедницата и идентификацијата.
Банката „Крајшпаркасе“ во соседниот град Лудвигсбург, исто така, на вработените им обезбеди зимска облека. Обезбедена е униформирана јакна и црни зимски ракавици бидејќи и овде температурата во работните простории е спуштена на 19 степени Целзиусови.
Синдикатот ИГ-Метал во Ројтлинген и Штутгарт го критикуваше намалувањето на температурите во работните простории.
Ралф Џастер, секретарот на синдикатот ИГ-Метал во Ројтлинген, изјави дека јакните не помагаат при студени стапала и додаде: „Работата на тастаура со ракавици не е изводлива.“