Шутерско шоу на Германците, Грците на колена

Кошаркарите на Германија го изненадија фаворитот за злато Грција и со убедливо второ полувреме дојдоа до славје од 107-96 и пласман во полуфиналето на Евробаскетот. Домаќинот во „Мерцедес Бенз Арената“ во Берлин ѝ приреди шутерско шоу на публиката и го надигра фаворизираниот противник. Со тоа Германците закажаа пресметка со Шпанија во битката за финалето.

Пресметката тргна со егал, кратко се играше кош за кош, пред домаќинот да фати одличен ритам. Германците беа неверојатни во шутот од далечина, погодија дури осум тројки во првата четвртина и имаа двоцифрена предност, ама пред истекот на десетте минути се опуштија и гостите се вратија. Грците се мачеа, се обидуваа да се вратат резултатски, а иако контстантно беа тука некаде, првпат поведоа на три минути до полувремето. Следеше ново минимално водство на домаќините, но во пенал завршница со предност на пауза замина Грција. За „шлаг на тортата“, од своја половина стрелаше Костас Слукас, погодувајќи за 57-61.

По полувремето Германија фати неверојатен ритам, го затвори приодот кон својот кош, а продолжи со извонредното шутерско шоу. Серијата на домашните беше огромни 20-1, со што дојдоа на највисоката предност од 15 поени. Антетокумбо и соиграчите не можеа лесно да се консолидираат, делумно се стабилизираа и заиграа подобро, па намалија пак за предноста да варира околу двоцифрената маргина.

Завршните десет минути тргнаа добро за домашните во Берлин. Гостите се обидуваа да се вратат, пријдоа најблизу на девет поени во моментот кога судиите спорно му дадоа дополнително слободно фрлање на Антетокумбо, па тој го промаши. Германците не простуваа, ги казнуваа и најмалите пропусти на ривалот, предноста дојде на високи +18, на што се надоврза и петтата лична грешка на Јанис Антетокумбо кој во последните пет минути го остави тимот на цедило. Во завршните минути германските кошаркари рутински ја завршија задачата, Грците беа во нокдаун и највисоката предност гласеше .

Јанис Антетокумбо беше најпрецизен на теренот со 31 поен, ама бадијала во поразот на својата земја. Во германскиот табор блескаше Денис Шрудер со 26 поени, а одлични партии одиграа и Франц Вагнер и Андреас Обст со по 19. Дефанзивно победниците ги предводеше Тајс со „дабл-дабл“ од 13 поени и 14 скока.

Треба да знаете
Последни објави