Search

Белгија и Хрватска „очајни домаќини“ понижени од Холандија и Австрија, Данска ја шокира Франција!

Холандија ја разнесе и ја понижи Белгија во соседското дерби во воведното коло во А-дивизијата во Лигата на нации, откако „лалињата“ славеа со огромни 4-1 среде Брисел, а доскорешниот тренер на Манчестер јунајтед, Ралф Рангник имаше деби од соништата во Осиек како селектор на Австрија победувајќи го светскиот вицепрвак Хрватска со 3-0.

Ретко кој веруваше дека Холандија може да ѝ одржи ваква лекција на одличната Белгија, но 14-те црни минути на „ѓаволите“ во средина на второто полувреме ги чинеше дебакл, а сѐ почна со гол на Свен Бергвајн пет минути пред полувремето за водство, а продолжи со два гола на Мемфис Депај (51., 66.) и еден на Дензел Дамфрис (62.).

Мичи Батшуаи во третата минута од судиското надополнување даде само почесен гол за Белгија, колку да го ублажи понижувачкиот пораз од соседот.

Рангник тргна убедливо со Австрија, а комбинираниот тим на „коцкестите“ со Лука Модриќ како резерва, скапо го плати цехот од лошиот старт на вториот дел после водството на Австријците на полувремето, па за три минути примија уште два гола за убедливиот пораз од 0-3.

Марко Арнаутовиќ даде гол од првата шанса за Австрија на четири минути пред полувремето, за Михаел Грегорич и Марсел Сабицер во периодото од 54-та до 57-та минута да дадат два гола за убедливата победа и супер-старт на досегашниот тренер на англискиот великан Јунајтед.

Данска направи големо изненадување против светскиот првак Франција и актуелен освојувач на Лигата на нации со пресврт во последната четвртина од мечот откако „триколорите“ со гол на Карим Бензема поведоа по 51 минута игра, ама ѕвездата на новиот турски првак Трабзонспор, Андреас Корнелиус со два гола приреди сензација, погодувајќи во 68-та и 88-та минута од мечот.

А-ДИВИЗИЈА: Белгија – Холандија 1-4, Хрватска – Австрија 0-3, Франција – Данска 1-2

Ц-ДИВИЗИЈА: Казахстан – Азербејџан 2-0, Белорусија – Словачка 0-1

Д-ДИВИЗИЈА: Летонија – Андора 3-0, Лихтенштајн – Молдавија 0-2

Треба да знаете
Последни објави