Search

Вардар бара оставка на цела ФФМ и Пандев да биде нов претседател

По вчерашната судиска лакрдија и грабеж кој му се случи на Вардар во Гостивар, денеска во јавноста се признесе претседателот на клубот кој најави отворена војна со Фудбалската федерација на Македонија.

Синоќа Вардар гостуваше кај Гостивар, а натпреварот го одбележа поништениот гол на „Црвено-црните“ поради измислен офсајд. Имено, главниот судија Влатко Илиоски од Прилеп успеа да поништи чист гол поради офсајд иако домашен играч беше длабоко пред последниот вардаров играч, всушност лежеше во шестнаесетникот. Офсајд за Гинис од прилепската судиска четворка (помошници беа Зоран Костоски и Марјан Смилкоски, а четврти судија беше Ирена Велевачкоска).

Вардар синоќа водеше во Гостивар од 9. минута со голот на Бенјамин Демир, а потоа во 45-тата прими гол од пенал, додека победничкиот гол за домашните падна длабоко во судиското надополнување. Овој пораз значи и крај на надежите за 2. место и бараж за пласман во елитата, па Вардар и наредната сезона ќе биде заглавен во второлигашката конкуренција.

Инаку, Судиската комисија при ФФМ денеска го осуди судењето на прилепската четворка и притоа им додели суспензии на главниот судија Илиоски и вториот помошник Смилкоски до крајот на сезонава. Не само поништениот гол на Вардар, туку ФФМ за судиска грешка го оквалификува и пеналот преку кој Гостивар израмни.

Обраќањето на газдата на Вардар, Слободан Крстески, го објавуваме во целост:

„Серијата ‘2.МФЛ’ продолжува, само се менуваат главните актери, борбата за власт, позиции, гласови, а интересот на фудбалот и развојот никој не го гледа. Сѐ е купено и договорено однапред, никакви правила не важат, за некои клубови има отстапки, а некои клубови се тешко оштетени секое наредно коло.

Со вчерашното бламирање во Гостивар раководните структури на ФФМ го направија првенството да биде нерегуларно на дрзок и безобразен начин со една цел, екипата на ФК Вардар по секоја цел да остане во Втората лига.

Претседателот на Федерацијата можеше на почетокот на сезоната да нѐ информира дека има за цел по секоја цена однапред на зелена маса да се договорат финалните позиции на табелата што ќе беше покоректно, отколку на ваков начин да се наруши регуларноста на првенството. ФФМ, доста е веќе!

Кај нас во ФК Вардар сѐ е веќе јасно и овој пат нема повлекување, поминати се сите граници, на неколку наврати во минатото сме реагирале на нерегуларностите кои ги сервираа од ФФМ, но веќе нема. Сега одиме до крај!

Безусловно бараме целото раководство на ФФМ да си поднесе неотповиклива оставка на чело со претседателот Сејдини и сите комисии при ФФМ да се самораспуштат. Време е за промени, време е фудбалски величини како Горан Пандев да застанат на чело на ФФМ, за да може македонскиот фудбал да мрдне од мртва точка“.

Треба да знаете
Последни објави