Search

„Европско од сон“- навивачка песна создадена од и за навивачите

„Европско од сон“ е новата навивачка песна, но овој пат создадена од најверните навивачи на македонската ракометна репрезентација и наменета за навивачите, кои со години наназад редовно ги бодрат нашите спортски херои на европските и светските првенства.
Песната секако ќе биде нова навивачка химна, која треба да им биде ветер во грб на нашите ракометари, кои во јануари ќе настапат на Европското првенство во Унгарија и Словачка.

Песната е на семејниот музички тандем-Огнен и Филип Неделковски, таткото е текстописец, синот е автор на музиката, а заедно со третиот член на семејството, познатата новинарка Соња Алековска Неделковска не пропуштиле ниту едно првенство на кое настапиле нашите ракометари.

Аранжманот и продукцијата е на Ангел Ќосев, а режисер на спотот е Дарио Јанковиќ.

Бидејќи е навивачка песна, носечки вокали се двајца навивачи, но професионални пејачи-Дејан Тасев и Александар Здравков.

Деновиве на повеќе локации во Скопје се снима видео-спотот, кој треба да биде промовиран по Новата Година.
За жал поради здравствени причини дел од најверните навивачи, кои ги има од целата држава, нема да ги има директно во спотот, но секако ќе може да се препознаат на снимки од првенствата кои се монтирани во спотот.

Носител на проектот е д-р Емил Угриновски, сопственик на „Неуромедика“, кој исто така е еден од најголемите фанови на македонската репрезентација.

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави