Search

Елмас со два гола против Лестер го одведе Наполи до нокаут рундата во ЛЕ

Фудбалерите на Наполи предводени од Елиф Елмас дојдоа до посакуваната победа во клучниот меч во Лигата на Европа, против Лестер со 3-2 (2-2). Пресметката на „Диего Армандо Марадона“ понуди атомски прв дел, а потоа и помирна игра во продолжението. Македонскиот „дијамант“ со два погодоци го одлучи натпреварот и ги одведе „партенопеите“ во нокаут рундата на второто по ранг европско натпреварување.

Четири минути му беа потребни на Наполи да поведе, а прв стрелаше Адам Унас. Веќе во 24. минута домашните дојдоа до двојно водство, со првиот погодок на Елмас. Репрезентативецот на Македонија добро го следеше Петања, се уфрли во празно и погоди во празната мрежа за 2-0.

Сепак, Лестер до полувремето се врати во игра. Џони Еванс и Девсбури Хол стрелаа за израмнвуање и 2-2. Во финишот на првиот дел незгодна повреда заработи Ирвинг Лозано, кој според проценките сериозно го повреди вратот и беше заменет.

По само осум минути игра по паузата, Елмас и вторпат стрелаше во мрежата на Шмахјел. Акцијата се одвиваше по десната страна, Ди Лоренцо уфрли ниска топка на пеналтикот, а таму добро се снајде Елмас и погоди за 3-2. „Лисиците“ на Роџерс притиснаа до крајот на мечот, имаа шанси, а најзрело се закани Медисон кој ја погоди стативата. Сепак, резултатот до крајот остана непроменет и Наполи остана во Лигата на Европа и ќе игра во шеснаестинафиналето, а Лестер патува во Конференциската лига.

Треба да знаете
Последни објави