Search

Со четвртиот модул заврши првата Школа за политики при Претседателскиот центар за политичко образование

Вчера и денеска во соработка со партнерските организации, Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и Националниот демократски институт (НДИ) се одржа последниот, четврт модул со кој се финализираше Школата за политики за 2021 година при Претседателскиот центар за политичко образование.

Четвртиот модул се реализираше со учество на еминентни предавачи и обучувачи од земјата и од странство, а учесниците дебатираа на теми кои ги тангираат прашањата од областа на односи со јавноста, креирање на јавни политики, демократски алатки и стратегии за борба против дезинформациите и манипулацијата со информации, како и начините на комуникација на геополитичката сцена на трансатлантските актери.

На тема социјални медиуми и транспарентност на јавни институции, одбрана на дигиталната демократија, предизвици во сајбер-безбедноста и политички дискурс и партизација, во текот на вчерашниот ден предавања одржаа Скот Мастик, потпретседател за програми на ИРИ, Дерек Мичел, претседател на НДИ, Тоше Зафиров, заменик-генерален секретар во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Пријал Бат, програмски офицер за технички иновации во НДИ, Медлин Николоф, програмски асистент во тимот за демократија и технологија во НДИ, Крис Дотен, директор за иновации во НДИ и Мери Ендрјус експерт за политичка комуникација и поранешна асистентка на претседателот на САД, Џорџ В.Буш за глобални комуникации.

На четвртиот едукативен семинар, со кој се заокружува Школата за политики за 2021 година, денеска со свои предавања се претставија Крис Холзен, виш советник за Европа и Евроазија при ИРИ, Тибо Музергес, програмски директор за Европа при ИРИ, претседателот на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование, Александар Љ. Спасов, Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас цивилис”, Моира Вилан, директор за демократија и технологија во НДИ, Брет Бароумен, виш специјалист за истражување при Центарот за глобален импакт во ИРИ и Даниел Арнаудо, советник за информатички стратегии во НДИ.

Утре, претседателот Стево Пендаровски на сите учесници од првата генерација, свечено ќе им ги додели сертификатите за успешно завршување на Школата за политики.

Целта на Школата за политики при Претседателскиот центар за политичко образование е да придонесе кон градење на единство преку учење, да ја промовира културата на дијалог и да влијае во реформата на образованието преку сеопфатно вклучување на политичкото образование во нашиот формален и неформален образовен систем.

Треба да знаете
Последни објави