Search

Хали Бејли го заврши снимањето на „Малата сирена“

Младата аренби пејачка и актерка Хали Бејли со прекрасна фотографија направена покрај море на зајдисонце го одбележа крајот на снимањето на филмската верзија на Дизниевиот хит The Little Mermaid („Малата сирена“).

Таа ја портретира принцезата сирена Ариел во филмската адаптација на анимираниот класик на „Дизни“ снимена во живо. Римејкот на популарниот филм од 1969 година, според истоимената бајка на Ханс Кристијан Андерсен, е во режија на Роб Маршал.

Со фотографија што ја сподели на својот Инстаграм-профил во понеделникот, Хали Бејли се потсети на неверојатното искуство од снимањето на „Малата сирена“ во Сардинија среде пандемија.

21-годишната пејачка истакна дека се појавила на аудиција за улогата пред три години, но продукцијата се одложила како резултат на затворањето на забавната индустрија поради смртоносниот коронавирус.

„Завршивме!“ напиша таа во описот на фотографијата. „После аудицијата за овој филм кога имав 18 години, наскоро требаше да наполнам 19 години, сега го завршив снимањето низ пандемија кога наполнив 21 година… конечно успеавме.“

„Се чувствувам благодарно што го доживеав овој филм во сета своја слава … беше тешко искуство да се биде далеку од сè и сите што ги познавам, но во исто време чувствувам задоволство од упорноста со која стигнав до крајот на снимањето.“

Режисерот Роб Маршал претходно изјави дека младата актерка поседува ретка комбинација на дух, срце, младост, невиност, и величенствен вокал – сите квалитети кои се потребни да ја толкува улогата принцеза на океанот.

Треба да знаете
Последни објави