Во гостиварско Неготино затворен угостителски објект што работел по 21 часот, сопственикот приведен

При акциска контрола извршена од полициски службеници од Полициското одделение Галате, вчера во 21:50 часот во угостителски објект лоциран во атар на село Неготино, гостиварско, сопственост на С.Т.(20) од село Неготино, било констатирано дека во објектот се постапува спротивно на здравствените прописи за време на епидемија и се врши угостителска дејност после 21:00 часот.

-При извршената проверка во една од помошните простории биле пронајдени седум женски лица, од кои две странски државјанки од Република Албанија: А.С.(28) и Е.А.(22). Во објектот биле затекнати и К.В.(19) и З.З.(22), исто така од Република Албанија. Во 22:15 часот поради злоупотреба на туристички престој, албанските државјанки биле приведени во Полициската станица Гостивар за понатамошна постапка. Во 23:20 часот сопственикот на објектот С.Т. бил лишен од слобода, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија”, соопшти МВР.

Тој е предаден во Полициската станица Гостивар за понатамошна постапка, а од страна на Државниот пазарен инспекторат објектот бил затворен.

Од увидна екипа бил извршен увид во внатрешноста на објектот, како и во подземната просторија во која биле скриени странските државјанки. За случајот е известен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар.

Треба да знаете
Последни објави